еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Се уште немаат достоинствен споменик: 21 година од убиството на десетте бранители кај Карпалак

Со панихида и положување цвеќе пред спомен плочата кај месноста Карпалак на автопатот Тетово-Скопје утрово беше оддадена почит кон 10-те загинати бранители од Прилепско кои беа убиени во заседа во оружениот конфликт во 2001 година.

Почит им оддадоа делегација од Министерството за одбрана и Армијата, државниот секретар во Mинистерството за одбрана, Драган Николиќ, претставници на Владата, од кабинетот на претседателот, пратеникот од Тетово во Собранието, Александар Велјановски, Општина Прилеп, семејствата на загинатите, политичките партии како и поголем број здруженија на бранителите како и граѓански организации.

Дел од бранителите кои биле во конвојот и припадници на безбедносните сили, потсетуваат на лошата состојба во која се наоаѓаат. Јордан Трајковски од Здружение на резервни воени образници  порача дека 20-тина години бараат властите да им помогнат.

–За жал живееме во држава која ја водат глуви, глуви во однос на проблемите на учесниците од 2001 година. Ние имавме еден куп барања, но за жал, за жал „сите барања ни се остварија“. Веќе не бараме ништо, јас сум 66 години, 20 години поминаа, а децата кои ни беа 20 години во 2001-ва, се мажи со деца.

Не ни треба сега ни образование, ни вработување, не ни треба ни станови, не ни треба ништо. Ние сме „презадоволни“ од оваа држава што направи за нас за сметка на тоа ако се опулиме на другата страна, она што се случува. Ние сме омаловажени, понижени, оштетени, ние сме тие кои за жал застанааа да ја бранат Република Македонија, и завршиме како последни луѓе во државава, изјави Трајковски.

Потсетува дека исто така 20 години безуспешно молам за подостоинствен споменик на местото на погибијата на десетимината војници.

–Ние бараме, баравме, еве бараме 20 години. За жал. Опулете се на што личи, дали ова личи на некакво спомен обележје. Не ни се виновни тие од другата страна, прават споменици од 200 илјади евра, ние не можиме 100 евра едно спомениче да направиме, едно обележје.

Изгледа дека ние во нашата држава немаме никакви права. Нашите власти зборувам за македонските без разлика која партија е на власт, исти, ама потполно исти, нема разлика меѓу едните и другите кога сме во прашање ние. Сите се тука собрани кога ќе дојде време за избори дека вака ќе направиме, така, изјави Трајковски.

На 8 август 2001 околу 10 часот конвој на АРМ беше подмолно нападнат од заседа. При тоа беше погодено едно транспортно возило на Армијата  во кое беа осум војници и двајца офицери, сите од резервниот состав.  Загинаа Нане Наумоски (48), Сашо Китаноски (39) Бранко Секулоски (42), Горан Миноски (29) Ердован Шабаноски (20), Веби Рушитоски (26) сите од Прилеп, Марко Деспотоски (27) од прилепско Новоселани, Љубе Грујоски (31) од прилепско Пашино Рувци, Дарко Велјаноски (27) од прилепско Ропотово и Пеце Секулоски (29) од прилепско Бело Поле.

МИА/Фото: МО

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Твитер зовре за бегството на Груевски: „Нели Орбан беше против азиланти“

Редакција

Каков имот пријавила судијата Радевска-Стефкова, која поднесе оставка од Судскиот совет

Редакција

Нови предлог-мерки: Забрана за организирање на настани, скратување на работното време до 23 часот и редуциран капацитет во јавниот превоз

Редакција