еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Германскиот пратеник Рот од Скопје: Уставните измени треба да се случат за да продолжат пристапните преговори со Унијата

Михаел Рот, пратеник од германскиот Бундестаг и претседател на Комисијата за надворешна политика, денеска од Скопје порача дека ЕУ треба да го засили присуството во Македонија, но и дека уставните измени треба да се случат за да продолжат пристапните преговори со Унијата.

Рот изрази задоволство што е тука повторно, особено како што кажа, во овие тешки времиња кога може да почуствува фрустрација и разочараност од ЕУ.

-Тоа е наша обврска на политичарите од ЕУ и од Германија да ги охрабриме Македонците и Македонките да го направат следниот чекор во правецот на ЕУ и да знаат дека тоа навистина вреди, рече Рот во изјавата за медиумите по средбата кај претседателот на државата Стево Пендаровски.

Германскиот пратеник рече дека земјава вложи многу на патот кон ЕУ и токму сега Унијата има обврскада биде поприсутна во Македонија, да биде повидлива, повеќе да се ангажира, да обезбеди перспектива и повеќе работа за младите за да знаат дека вреди.

-Затоа е сега многу важно уште еднаш да се предочи и да биде јасно дека ЕУ не претставува само внатрешен пазар и заедница која што има една валута, туку дека таа е заедница која има културна и јазична разновидност и дека никој нема право да се меша во културниот идентитет. Ниту еден договор нема да може никогаш да промени нешто од ова основно начело на коешто се базира ЕУ, рече германскиот пратеник Рот.

Изрази надеж дека во македонскиот Парламент ќе можат да се создадат предуслови да се продолжи, како што кажа „ангажирано со пристапните преговори“.

– Знам дека на многумина воопшто не им паѓа лесно кога станува збор за тие уставни промени, но секој треба да си го постави прашањето – не како може јас да и помогнам на мојата партија, туку како може јас да и помогнам и да придонесам за мојата земја, потенцира Рот.

Неговата порака до политички одговорните лица во земјата сега е дека треба да продолжат понатаму со напредокот со следните чекори, да ја засилат демократијата, да продолжат со борбата против корупцијата и непотизмот, да создадат работни места, но исто така, пред се, сега и ЕУ треба да ја врати довербата што е изгубена и да не остане само на празно ветување.

-Значи, таа треба да направи нешто конкретно, треба да продолжи поддршката на економски и на политички план особено во време на ваква криза бидејќи ние сите сме загрозени и сите ние се наоѓаме во истиот брод. Сега треба да покажеме солидарност пред се со Западен Балкан особено со луѓето во С Македонија, смета Рот.

Германскиот пратеник кажа дека ќе се сретне и со претставници на опозицијата и граѓанскиот сектор, и дека е дојден да слушне што имаат тие да кажат и дека има разбирање за фрустрацијата која што постои.

-Но сега треба да си го поставиме прашањето – што можеме да направиме во оваа тешка и драматична ситуација за земјата и за луѓето. Се надевам дека ќе бидат создадени предусловите за промената за да може да има темпо и забрзување на овие пристапни преговори затоа што тоа е многу потребно и никој не може да очекува дека за една или две години ситуацијата ќе биде подобра. Земјата во однос на ова направи веќе многу така што всушност останува уште малку, посочи Рот.

Германскиот пратеник Рот имаше средби со претседателот Стево Пендаровски, со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и со министерот за надворешни работи Бујар Османи. Претходно Рот беше примен и од претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери, а имаше средба и со претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи, Антонио Милошоски.

Михаел Рот пред да биде избран за пратеник во Бундестагот ја извршуваше функцијата државен министер за Европа во германското МНР.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Мијалков тврди дека нема да бега, Апелација одлучува за неговиот притвор

Редакција

Пендаровски: Нонсенс е дека нашата историја до 1945 била бугарска

Редакција

(Фото) Салата „Борис Трајковски“ се подготвува за масовна вакцинација

Редакција