еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Македонија го започнува објаснувачкиот скрининг за првиот кластер

Денеска во Европската комисија експертските тимови од Македонија и Албанија ќе слушаат за ажурираното законодавство на ЕУ од 2019, јави дописничката на МИА од Брисел.

Целта на објаснувачкиот скрининг, како и во 2019, е да се информираат тимовите на земјите преговарачи за текот и новитетите во ЕУ законодавството. Со оглед на тоа дека Македонија и Албанија немале објаснувачки скрининг од 2019, тие треба да поминат преку ажурирање на последните закони, пресуди и одлуки во секое од поглавјата од тогаш до денеска.

Состанокот започнува во 9.15 часот во Европската комисија и е посветен на поглавјето пет, Јавни набавки, кое е дел од кластерот еден. Кластерот еден се смета за најважен, во него спаѓаат поглавјата 23 и 24 за правда и судство, кои во текот на преговарачкиот процес први се отвораат и последни се затвораат.

Тимовите утре ќе слушаат и за поглавјето Статистика, овој пат во Луксембург.

Од Европската комисија за МИА вчера изјавија дека тие остануваат целосно посветени на унапредувањето на ЕУ процесот со Македонија и Албанија.

-Ова е прв и значаен чекор во преговарачкиот процес, целосно поддржан од владите и парламентите на двете земји, изјави портпаролката Ана Писонеро за МИА.

Таа додаде дека следните месеци носат „интензивна работна програма“ за сите страни, а таа ќе започне со Темелите.

-Станува збор за технички средби во кои е инволвиран голем број експерти, а ние сме во близок контакт со властите за распоредот на средбите, додаде Писонеро за МИА.

Овие технички средби се очекува да траат околу два месеца, по што треба да започнат билатералните скрининзи.

Билатералниот скрининг го префрла фокусот на земјата преговарач која треба на експертите од Европската Комисија секој пат да им го презентира напредокот во секое од поглавјата. Следува извештај на Европската Комисија кој го проценува тој напредок, а извештајот треба да го одобрат и усвојат земјите членки на ЕУ, односно Советот на ЕУ.

Откако ќе заврши билатералниот скрининг, Македонија ќе може да ги започне и формално преговорите по кластери и поглавја со ЕУ, но само доколку прво го промени Уставот и ги внесе Бугарите како конститутивен народ во него.

Од македонска страна не се најавени изјави по состаноците.

МИА/Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бомбата во дворот на Раде Трајковски Штекли била активирана далечински управувач

Редакција

Нови 47 случаи на Ковид-19 од 3.593 тестирања

Редакција

Колку пари биле потрошени лани за плати и патни трошоци за вработените во М-НАВ

Редакција