Владата на Република Македонија го прифати предлогот на Министерот за внатрешни работи Сашо Тасевски да биде именуван за нов директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) во Министерството за внатрешни работи.
Тој доаѓа на местото на разрешениот Лазо Велковски.
На јавноста и стана познат како полицискиот службеник од обезбедувањето на премиерот Зоран Заев, кој извади огнено оружје и пукаше за време на инцидентите во Собранието на 27 април.
Тасевски е магистер по безбедност и докторант на Факултетот за безбедност.
Од 2001 година има работено кај поранешниот претседател Бранко Црвенковски, во одделот за странски делегации, a потоа кај министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
На почетокот на кариерата бил припадник на единицата за специјални задачи „Тигар“.
Има посетувано курс за обезбедување ВИП личности во САД, во 2004 година.
Какви надлежности има БЈБ?
Бирото за јавна безбедност е орган во состав на Министерството за внатрешни работи, кој ги врши полициските работи во Министерството и чија организација и надлежност е уредена со Законот за полиција (,,Службен весник на Република Македонија“ бр.114/06, 6/09, 145/12 и 41/14).
Во надлежност на Бирото за јавна безбедност е концептуалното планирање, следење и анализирање на безбедносната состојба и причините за појава на криминалитет и загрозување на јавната безбедност; генерален и стручен надзор и контрола над работата на организационите единици на полицијата; обработка на лични податоци под услови и на начин утврдени со овој и посебен закон; спроведување на ратификуваните меѓународни договори за полициска соработка и други меѓународни акти за кои е надлежна полицијата; грижа за подготвеноста на полицијата за дејствување и работа во услови на сложена безбедносна состојба и други работи утврдени со закон.
Со работата на Бирото раководи директор кој на предлог на министерот го именува и разрешува Владата на Република Македонија за време од четири години.
За вршење на полициските работи од надлежност на Бирото за јавна безбедност формирани се следниве организациски единици:
-Сектор за полициски работи од општа и посебна надлежност е одговорен за секојдневното полициско работење од областа на јавниот ред и мир, превенцијата, како и за полициските активности кои се однесуваат на сложени безбедносни состојби.
-Сектор за сообраќајни работи е одговорен за секојдневното полициско работење од областа на сообраќајот и сообраќајната превенција; проверка на начинот на спроведување на возачкиот испит и испитот за проверка на стручност на возач-инструктор; учествува во постапката за издавање и одземање на лиценцата на возач-инструктор и други дејствија од областа на сообраќајот.
-Сектор за криминалистичка полиција ги координира мерките и активностите со организациските единици надлежни за криминалистички работи и Регионалните центри за гранични работи, во насока на воедначено постапување на оперативните полициски служби на терен.
-Сектор за криминалистичко разузнавање и анализа работи на собирање, обработка и анализа на податоци и информации по претходно утврдени методологии и стандарди за обработка, изготвува аналитички продукти и извештаи и врши нивна дисеминација до организационите единици во организационите единици во Бирото за јавна безбедност.
-Сектор за гранични работи и миграции е одговорен за секојдневното полициско работење од областа на граничните работи, полициските активности кои се однесуваат на прекуграничниот криминал и миграции, како и на работи кои се однесуваат на странци и реадмисија.
-Сектор за заеднички работи и управување со човечки ресурси е надлежен за вршење на определени стручни работи за потребите на Бирото за јавна безбедност во областа на управувањето со човечките ресурси, правните и финансиските работи, заштитата на личните податоци и развој на персоналот и застапеност на заедниците кое се грижи за еднаквост на половите.
Во рамките на Бирото за јавна безбедност формиран е и Регистар за соработка со НАТО и безбедност на класифицирани информации кој ги врши работите што се однесуваат на имплементација на активностите во согласност со Акциониот план за членство на Република Македонија во НАТО и засилените напори за интеграција во ЕУ.