Шефот на европска дипломатија Жозеп Борел изјави дека во Брисел денеска не е постигнат договор помеѓу Белград и Приштина за регистарските таблички на северот на Косово.
„Предложивме на кој начин да ја избегнеме кризната ситуација. Вучиќ ги прифати предлозите, но за жал Курти не,“ наведе Борел.
Тој наведе дека Косово е повикано веднаш да ја суспендира одлука за пререгистрација на возилата на северот на Косово, а Србија пак е повикана да го суспендира издавањето на КМ таблиците.
„Ги повикувам двете страни да го имплементираат ова барање. Ќе ги информирам колегите во ЕУ и меѓународните партнери за однесувањето на двете страни во разговорите, и недостаток на почитување на меѓународните правни обврски, што посебно се однесува на Косово. Тоа е посебно негативен политички сигнал,“ рече Борел.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека „од непознати причини, денеска не успеавме да постигнеме апсолутно никаков договор“.
„Пред нас се бесони ноќи и тешки денови, но ќе го послушаме советот на високиот претставник на ЕУ, Борел,“ изјави Вучиќ.
Состанокот во Брисел траеше седум часа, а на него освен српскиот претседател Александар Вучиќ, и косовскиот премиер Албин Курти, учествуваа шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот помеѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
Фото: Unsplash