„ЕСМ Снабдување со топлина” ги изработи фактурите за топлинска енергија за месец октомври и во тек е нивна достава, информираат од таму.
Износот на фактурите за топлинска енергија на потрошувачите кои плаќаат на 12 рати ќе бидe ист со оние за август и септември.
„Во периодот октомври-април кога се испорачува топлинска енергија, цената на ангажираната моќност и испорачаната топлинска енергија за домаќинствата е финансиски подржана од Буџетот преку АД ЕСМ со одлука на Владата, со цел обезбедување на сигурност во снабдувањето со топлинска енергија во услови на постоење на кризна состојба.
Износот на финансиската поддршка за секој потрошувач одделно е прикажана во фактурата како поединечна финансиска поддршка за фиксните и варијабилните трошоци.
Потрошувачите ќе ги добијат фактурите во следните денови на ист начин на достава како и претходно, односно оние кои ја користеле услугата „е-фактура“ фактурата ќе ја добијат во електронска форма, додека останатите потрошувачи ќе ја добијат фактурaта во хартиена форма.
Во врска со начините на плаќање, потрошувачите ќе можат без провизија да ги плаќаат фактурите на наплатните пунктови на ЕСМ Снабдување,“ се вели во соопштението.
Потрошувачите кои имаат склучено договор за наплата на фактурите за топлинска енергија преку траен налог, од матичната банка ќе добијат инструкции за постапување или ќе бидат известени за насочување на уплатата кон новиот снабдувач.
Оние потрошувачи кои плаќаат со налог за плаќање, шалтерски во банка или преку електронско банкарство, во зачуваните шаблони односно ПП налози за плаќање ќе биде потребно да ја проверат и да ја внесат жиро-сметката на ЕСМ Снабдување наведена на фактурите.
„Напоменуваме дека интензивно се подготвуваме потрошувачите да ги имаат сите можности за плаќање како и претходно, како услугата “Брзо плаќање” и “EPAY” услугата за што дополнително ќе ги известиме,“ се додава во соопштението.