еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Измамил 283 ковид пациенти за 1,5 милион евра: Детали од обвинението за Жан Митрев и неговата клиника

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.

За ова кривично дело „измама“ предвидената казна затвор е од една до 10 години.

Како што посочија денеска на брифинг со медиуми во ОЈО Скопје, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.

Од ОЈО информираат дека биле конктактирни сите за кои имале информации дека се лекувале со овој метод и дека 283 луѓе се пријавиле со оштетно побарување, кои рекле дека се чувствуваат измамени и се приклучиле, но и дека имало и такви кои не сакале и рекле дека не сите се чувствуваат за оштетени.

Делот за клиничките испитувања и бактерии, како што беше посочено, на денешниот брифинг во ОЈО Скопје, не се дел од ова кривично дело, и за нив има институции кои веројатно постапуваат.

Во текот на постапката, како што информирааат од ОЈО Скопје, јавниот обвинител обезбедил докази за поткрепа на основаните сомненија дека обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице – приватна здравствена установа да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од Ковид – 19, кај кои е извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства, со што ги навел секој од нив да стори штета на својот имот во различни износи, а во вкупен износ од 97.461.600 денари или 1,57 милиони евра.

Обвинетиот на пациентите и во јавноста прикажувал дека методот хемофилтрација е одобрен да се применува и е ефикасен за лекување од Ковид – 19, притоа користејќи ги приликите на здравствената криза предизвикана од пандемијата.

– Тој се повикувал на документ издаден од Американската управа за храна и лекови во април 2020 година, со кој на компанијата „Бакстер“ и било издадено овластување за вонредна употреба на Оксирис сетот (Oxiris Set Device), како медицинско средство со кое се спроведува постапката за хемофилтрација кај пациенти со потврден коронавирус, на возраст од 18 години или повеќе кои се на интезивна нега со потврдена или итна респираторна слабост и потреба за прочистување на крвта.

Меѓутоа, можноста за употреба на методот кај пациенти заболени од Ковид – 19 тој не смеел да ја промовира, истовремено прикривајќи го фактот дека методот не е одобрен во третманот на оваа болест, ниту од издавачот, ниту во нашата земја, како и дека овластувањето за медицинското средство е издадено само во вонредна постапка поради пандемијата, со дефинирани критериуми и опсег на примена.

Исто така, покрај потенцијалниот бенефит, третманот имал и сериозни потенцијални ризици за кои пациентот морал да биде запознаен, па средството не смеело да се прикажува како безбедно или ефикасно во третманот или превенцијата од Ковид – 19, се вели во соопштението од ОЈО Скопје.

На овој начин обвинетиот кај секој од оштетените создал лажна претстава и заблуда, па најголем дел од нив при приемот на конкретен пациент во болницата, однапред уплаќале средства за по два циклуси на хемофилтрација како дел од болнички пакети, без да им биде објаснет овoj метод и потенцијалните ризици од него и без да се прибави соодветна согласност за примената на таква процедура кај пациентите, што е спротивно на условите утврдени во овластувањето и на здравствените прописи и стандарди.​

Од ОЈО, на денешниот брифинг, исто така информираат дека за предметот остануваат мерките за обезбедување присистуво на обвинетото физичко лице и прифатената од судот гаранција од еден милион евра, додека за правното лице е поднесено барање за обезбедувања, вклучително и мерка за забрана за продажба во одреден рок, за што се уште немаат добиено одлука.

Постапката е оформена по допрен глас, откако ИРЛ минатата година објави сторија во која обелодени дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми на пари за хемофилитрација при лечење од Ковид -19.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Клиника Жан Митрев: На суд ќе докажеме дека обвинението нема никаква основа

Жан Митрев обвинет за измама

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Турскиот театар склучи договор со Универзал Балкан вреден 1,5 милион евра

Редакција

Растат трошоците на градежниците: Ќе има ли зголемување на цените на становите?

Редакција

Кој е Ѓоко Велковски, заменик министер за социјална политика, демографија и млади

Редакција