Целосно ги демантираме дезинформациите изнесени од ВМРО-ДПМНЕ, односно од Наќе Чулев за наводни неправилности или злоупотреби при набавката на храна од страна на МВР, велат од таму.
„Наспроти паушалните обвинувања, вистината е дека е спроведена јавна набавка по направени анализи и поставени високи критериуми кои треба да ги исполнува заинтересираниот економски оператор, а се однесуваат на вработени, техничка опременост, како и гаранции за квалитетно извршување на услуга преку банкарска гаранција и осигурителна полиса за сите конзументи.
Во периодот пред доаѓањето на министерот Спасовски во МВР за петте кујни кои ги поседува МВР не е водена потребната грижа ниту за стандарди, ниту за опрема, ниту за соодветен кадар.
Во мандатот на министерот Оливер Спасовски беа направени анализи за функционирањето, опремувањето и идни стратешки одлуки со кои ќе се подигне нивото на квалитетот со што три (ПЦ Ѓорче Петров, одморалишта Охрид и Пониква) од петте кујни се со висококвалитетни услови за работа, а останатите две (ЦО Идризово – ресторанскиот дел и одморалиште Крани – кујната) се предвидени за реконструкција во 2023-2024 година, а со потсетување дека беше обезбеден објект од Министерството за одбрана и целосно реконструиран по највисоки стандарди за потребите на Специјалната антитерористичка единица (кои претходно добиваа услуги во објект во распаѓање надвор од рамките на касарната Илинден со економски оператор давател на услуги – кафеана од Скопје со неколку вработени), МВР во рок од осумгодишен инвестициски циклус добива шест објекти енергетско ефикасни, со соларни панели, делумно обновена опрема и сите предуслови за квалитетна и безбедна исхрана.
Точно е дека е набавена опрема и тоа 11 парчиња кујнска опрема која е распределена во сите пет кујни согласно потребите. По согледаните бенефити и направена детална финансиска, материјално-техничка и анализа на човечките ресурси беше објавен јавен оглас за услуги за исхрана и за касарната Ѓорче Петров и центарот за обука Идризово, каде економскиот оператор ќе ги дава услугите во просториите на МВР, ќе ја користи опремата на МВР, но и на сопствен трошок ќе набави своја опрема за целосна реализација на услугите.
По завршената набавка избран е економски оператор, преку транспарентна јавна набавка во која беа поднесени пет понуди, кој оператор ќе ги дава услугите на двете локации во следните три години, за што се склучија рамковни спогодби, кои претставуваат рамка од која можат да се трошат финансиски средства согласно потребите на МВР, а не задолжение дека сите средства мора да се потрошат.
Или преку пример: услугите ќе се активираат само ако и додека има кандидати на обука во центарот Идризово во следните 36 месеци. Со постапката нема непотребно да бидат ангажирани вработени во кујната преку цела година иако во минатото имало и неколку години кога немало кандидати во центарот за обука во Идризово, но сите вработени од МВР редовно доаѓале на своето работно место.
МВР се грижи за своите вработени и ниту едно од дваесетината лица кои во моментов извршуваат работни обврски на овие две локации нема да остане без работа односно сите тие ќе бидат хоризонтално распоредени на соодветни упразнети работни места, а согласно квалификациите и слободните места,“ велат од МВР.
Од таму додаваат дека со спроведената набавка МВР ќе добие повисоко ниво на услуги од сегашното, поголем квалитет на оброците, инвестиции во објектите од страна на операторот од кои дел ќе останат во трајна сопственост на МВР, а ќе направи порационално користење на кадарот и финансиски заштеди, а не трошоци со целиот процес.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ