Заменик-министерот за одбрана на Украина поднесе оставка откако беше соопштено дека Министерството купувало храна по многупати повисоки цени од редовните.
Прехранбени производи како јајца и компири биле нарачувани по цени два до три пати повисоки од просечните, што укажува на можна корупција, објави во саботата украински портал.
Министерството ги отфрли обвинувањата за корупција, а во изјава на Фејсбук министерот за одбрана, Олексиј Резников, рече дека надуените цени се резултат на грешка на добавувачот.
Веднаш потоа оставка на функцијата поднесе неговиот заменик, Вјачеслав Шаповалов, кој беше одговорен за набавки.
Во меѓувреме, заменик-јавниот обвинител, Алексеј Симоненко, и официјално е разрешен откако вчера поднесе оставка поради обвинувањата за корупција. Наводно тој во декември отишол на одмор во Шпанија и користел мерцедес кој бил во сопственост на бизнисмен од Лавов, чија тутунска фабрика произведувала цигари за црниот пазар, пишува „Киев Индипендент“.
Согласно воведената вонредна состојба, на мажите на возраст меѓу 18 и 60 години не им е дозволено да ја напуштат Украина за време на војната.
По оставката на Симоненко, Советот за национална безбедност и одбрана им забрани на највисоките функционери да патуваат во странство, освен кога тоа го вршат по службени задолженија.
Продолжуваат оставките и разрешувањата на функционери во Украина
И двајца заменици министри во украинското Министерство за развој на заедницата и територијата денеска поднесоа оставки, поради големиот корупциски скандал.
Вјачеслав Негода и Иван Лукерија на Фејсбук потврдија дека поднеле оставки.
Украинската државна телевизија „Суспилне“ на Телеграм претходно објави дека се сменети лидерите на пет украински региони, наведувајќи дека се сменети шефовите на регионите Дњепропетровск, Запорожје, Киев, Суми и Херсон.
Европска комисија: Украина треба да ја засили борбата против корупцијата
Откако неколку високи украински функционери денеска поднесоа оставки поради наводните набавки на воени материјали по повисоки цени, портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро изјави дека како дел од процесот на проширување, во кој сега се наоѓа Украина, се очекува таа да ја зајакне својата борба против корупцијата.
Станува збор особено за „корупцијата од висок профил“, рече Писонеро и додаде дека „Украина се соочува со брутална агресија и треба да работи во неколку области“.
Според Писонеро, Украина веќе презела неколку чекори, како што е назначување шеф на специјализираната антикорупциска канцеларија и отворање конкурс за нов директор на националната канцеларија за борба против корупцијата.
-Но, потребни се дополнителни напори за зајакнување на антикорупциските институции, посочи портпаролката на ЕК.
Комисијата, наведе Писонеро, ќе ги оцени овие напори во следниот годишен извештај за напредокот на земјата кон ЕУ, што треба да излезе есенва.
Писонеро изјави дека ЕУ со години ја поддржува Украина во нејзината борба против корупцијата и дека тоа е „клучна димензија на процесот на проширување“.
На новинарско прашање дали ЕУ има механизми за следење на парите што ЕУ ги испраќа во Украина, Писонеро наведе дека „што се однесува до контролата, можам да кажам дека ЕУ има повеќе нивоа на контрола и повеќе механизми за да знае дали парите одат таму каде што треба“.
Таа додава дека ЕУ и Украина имаат политички дијалог во кој се разговара за овие прашања и смета дека е важно да се каже дека ЕУ ги поддржува финансиските потреби на украинските власти, но одлучува каде се најпотребни средства.
МИА