Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска имаше средба со Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, на која се разговарало за важната улога во регионот која Македонија ја има во очите на САД како добар партнер, но и сојузник што означува уште повисоко ниво на партнерство и пријателство, информираат од Владата.
Грковска нагласила дека стратешкото партнерство со САД за Македонија е од суштинско значење и изразила благодарност за поддршката што САД ни ја дава особено во делот на справувањето со корупцијата, како еден од најзначајните приоритети во градењето на демократски и економски силно општество.
Ескобар истакнал дека покрај чекорите кои Владата на Македонија неуморно ги презема со цел остварување на стратешките цели на државата, како членка на НАТО Сојузот е безрезервно вклучена и во поддршка на Украина од секој аспект, како со донации, така и со згрижување на бегалците кои се жртви на руската агресија.
Грковска го информирала Ескобар за активностите кои се отпочнати од страна на Кабинетот за добро владеење и се она што е претстојно во насока на борбата против корупција, доброто владеење и дигитализацијата.
Фото: Влада