еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Од јануари граѓаните можат да отворат денарска сметка за основни функции

Со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, којшто стапи на сила од јануари, граѓаните ќе можат да отворат денарска платежна сметка со основни функции, која слично како и другите сметки ќе може да ја користат за плаќање комунални и разни други услуги, за купување во продавници или преку интернет, како и да внесуваат и повлекуваат готовина.

Разликата со платежните сметки кои сега се користат е во тоа што преку сметките со основни функции ќе може да се вршат плаќања само до висината на сопствените средства, односно нема да биде дозволено навлегување во т.н. минусно салдо.

Токму заради тоа, надоместоците што за ваквата сметка со основни функции ќе им се наплатуваат на граѓаните ќе бидат пониски, а за граѓаните кои се корисници на социјални трансфери нема да се наплатува ваков надоместок.

Вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска во интервју за МИА, истакнува дека клучната разлика во однос на постојните платежни сметки е во ограничувањето на платежната сметка со основни функции да се користи за плаќања само до висината на сопствените средства и во лимитирањето на надоместоците коишто ќе ги плаќаат граѓаните за користење на платежните услуги преку оваа сметка.

– Токму заради ваквото ограничување, банката или штедилницата за услугите со платежната сметка со основни функции може да пресмета и да наплати вкупен месечен надоместок само до разумна висина, којшто не смее да биде повисок од 0,1 процент од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци.

Во согласност со објавите од страна на Државниот завод за статистика, вака пресметаниот месечен надоместок тековно би изнесувал околу 31 денар.

Овој надоместок вклучува месечно одржување на сметката, неограничен број платежни трансакции за внесување или повлекување готови пари непосредно на шалтерите во работните простории на давателот, или преку неговата мрежа на банкомати, неограничен број платежни трансакции со дебитни картички и извршување минимум пет платежни трансакции со кредитен трансфер, вклучувајќи и траен налог, или со директно задолжување со кои се пренесуваат парични средства на други платежни сметки на клиенти на истиот давател на платежни услуги, појаснува вицегувернерката за МИА.

Граѓаните кои сакаат да користат платежна сметка со основни функции ќе треба да ги затворат другите денарски платежни сметки што ги имаат во банката, но ќе може да користат кредитна картичка и да имаат неограничен број платежни сметки во странска валута.

– Доколку граѓаните сакаат да отворат платежна сметка со основни функции кај банка или штедилница кај која тековно немаат платежна (трансакциска) сметка, тогаш ќе треба да ги затворат сите платежни (трансакциски) сметки во денари кај другите банки и штедилници коишто ги отвориле во минатото.

Од друга страна, кај истата банка или штедилница граѓаните ќе може да користат кредитна картичка за што ќе мора да склучат одделен договор, како и да имаат неограничен број платежни сметки во странска валута, вели Нацевска за МИА.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Планинар и активист за заштита на животни од пет метри длабока јама спасија куче паднато пред една недела

Редакција

Регистрирани 436 нови случаи на Ковид-19, во Скопје 203

Редакција

Русија состави нов список на „непријателски земји“, Македонија останува на истиот

Редакција