Поради наглиот и голем пад на температурата во неделата на 5 февруари во вечерните часови споредено со претходните денови драстично се зголеми вкупната потрошувачка на електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи што ги снабдува ЕВН Хоум и дополнителните снабдувања кои ги врши АД ЕСМ преку ЕСМ Продажба, информира АД ЕСМ.
-Потрошувачката во саботата на 4 февруари изнесуваше 18.948 мегават часови, додека во неделата се искачи на 22.331 мегават час. Поради скокот на потрошувачката, која ги надмина и номинираните количини од ЕВН Хоум, од страна на АД ЕСМ пласирани се 1.045 мегават часови системски услуги со терциерна резерва и регистриран е кусок од околу 820 мегават часови.
Сите други денови АД ЕСМ работи во рамките на нормалните граници на снабдување, информираат од компанијата.
Од државните електрани нагласуваат дека повлекувањето енергија од европската мрежа е всушност утврден балансен механизам согласно правилник кој важи во цела интерконективно поврзана Европа.
Во моментов, како што велат, снабдувањето е по планот, производството се одвива пред се преку два блока во РЕК Битола и два котли во ТЕЦ Неготино, како и хидроелектраните и когенеративната гасна електрана КОГЕЛ/Енергетика.
-Согласно планот за производство во текот на утрешниот ден на мрежа ќе бидат вратени Блок 1 во РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Следната недела кога се очекува раст на температурите, ќе биде исклучен Блок 2 заради претходно најавени сервисни активности, велат од АД ЕСМ и додаваат дека целосно го исполнуваат планот за производство за 2023 година.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Македонија повторно повлекува струја од европската мрежа
Фото: Unsplash