еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Епископ Антаниски г. Партениј: Црквата му припаѓа на оној народ кој живее во нејзините таинства

Светата Обител на манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во село Рајчица и оваа година во присуство на голем број верници, од сите делови на државава, го прослави празникот на големиот поборник за верата Христова и небесен застапник Свети Григориј Палама, кој годинава се совпадна со празникот и на Светиот Агатангел Битолски, пренесува bigorski.org.mk.

По тој повод, во параклисот на манастирот за поклонение беа изложени и моштите на светиот Агатангел Битолски кои се чуваат во Бигорскиот манастир.

Словото на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено во Неделата на Свети Григориј Палама, на Светата Литургија, во истоимениот параклис во Рајчица, го пренесуваме во целост:

Му благодариме на Бога што со Негова помош и преку Неговите благодатни сили стасавме до втората недела од Чесниот и Велик Пост. И овој неделен ден е посветен на уште една голема победа за православната вера.

Во претходната, неделата од првата седмица, кога го прославивме триумфот на светото Православие, Црквата Божја прекрасно ни ги изложи и во слава ни ги прикажа хероите на православното вероисповедание, нивните подвизи, борби, саможртвувања со кои го докажаа и потврдија вистинитото и правилното исповедање на оваа богопросветлена и богооткриена вера.

Денес, пак, Црквата ни го претставува великиот корифеј на православната вера, Светиот Отец наш Григориј Палама, Солунскиот Чудотворец. Тој живеел и дејствувал во 14. век, во едно за Црквата Христова сложено и тешко време, кога народот Божји и неговата вера биле изложени на остриот здив на бурни ветришта. Светиот Григориј бил монах на Светата Гора Атонска, целосно предаден на голем труд и на интензивни подвизи заради Христа.

На најдобар можен начин се подвизувал да го постигне она кон коешто се стремеле светогорските монаси: да се соединуваат со Бога, најнапред преку несоздадените Божествени енергии, односно преку благодатта Божја, која дејствува во Светите Тајни на Црквата, а потоа и преку непрестајната умносрдечна молитва, со која деноноќно практикувале да го изговараат името Исусово и да ја призиваат милоста Господова, спуштајќи го умот во срцето, со целосно трезвеноумие и сосредоточеност.

Се разбира, ваквиот живот на внатрешниот човек не бил заложба и одлика само на светогорските монаси, бидејќи кон благодатното соединување со Бога се стремеле и многубројни Христијани кои дејствувале во светот. Така, на пример, таткото на Свети Григориј Палама бил царски сенатор, а сепак, неговите ум и срце биле целосно внесени во постојана Исусова молитва и созерцание.

Впрочем, соединувањето со Бога, обожението на човековото битие, не е привилегија или занимање само за монасите, туку, напротив, тоа е предназначението и единствената цел на секој човечки живот. Сите ние како Христијани сме повикани да учествуваме во тој суштествен процес на обожението.

Таква била и замислата Божја со која Он го створил човекот: да биде едно со Него. Многумина мислат дека целта на Христијанството е човекот да стане само еден подобар човек; дека тоа е едно морално учење, една философија, една возвишена контемплација.

Но не е така. Христијанството, мили мои, е пред сè обожување, обоготворување. Синот Божји не дојде на Земјата за да воведе некаков нов морален систем – такви ги имало многу уште од најстари времиња – туку се вочовечи за да ја соедини човечката природа со Божеството. Бог сака да се обожиме, мили мои.

Што беше тоа толку посебно нешто што Свети Григориј Палама го направил во своето време, та е толку славен и величан во Црквата? Или со други зборови, заради што милостивиот и Сесвет Бог го избрал токму овој духовен маж и го повикал кон исповедништво на вистината?

Како што ни сведочи црковната историја, во тоа време Црквата била разбранувана од една опасна ерес, којашто учела дека не е можно човекот да општи, а камоли да се соединува со Бога, Кој е Апсолут и е далеку над човечката природа; односно, дека човек може да спознае сосема малку од Божествената природа, и тоа во мера којашто ја дозволува неговиот разум.

Начинот да се постигне познавањето на Бога, наводно бил единствено преку интелектот, т.е. преку христијанската ерудиција, схоластиката и научничката мисла – значи интелигентна контемплација, но без учество на Божјата благодат. Всушност, проповедниците на таа ерес не ни знаеле, ниту имале искусено што е тоа Божја благодат и погрешно тврделе дека енергиите коишто дејствуваат во таинствата на Црквата се, исто така, Божја творба, а не дел од Божјата природа.

Но, кога би било така, тогаш не би било можно учеството на човечката природа во Божјата, не би било можно обожението на човекот. Ваквото учење го запрепастило Свети Григориј, кој мошне јасно ги гледал и ги чувствувал несоздадените Божествени енергии, односно бил сведок за тоа како Божјата благодат, привлекувана од светотаинскиот и добродетелен живот поминат во молитва и смирение, дејствува врз луѓето, благословувајќи и осветувајќи ги.

Тој тоа секојдневно го гледал кај своите соподвижници на Светата Гора Атонска, христољубивите старци, кои непрестајно се подвизувале и се труделе да станат едно со Бога и навистина, преку нестворените Божји енергии, тие бивале осветувани и обожувани.

Таквото дејствие на благодатта, се разбира, тој го забележувал и кај себе, зашто врз него особено силно се чувствувало нејзиното делување, дури до тој степен што тој станал нејзин избран сад и громогласен проповедник – како што е и наречен во црковната химнологија: светилник на Православието, тврдина на Црквата, проповедник на благодатта.

Обземен, значи, од света ревност за вистината и поттикнат од Пресветата Богородица, преку Која доаѓа секој добар дар, тој истапил храбро како моќен лав, за со силен дух да проповеда дека Христијанството е нешто многу повеќе од философија, далеку посуштинско од еден морален систем, од една схоластичка наука и рефлексија.

Започнал искуствено да ја образложува врховната и возвишена вистина дека целта на Христијаните е, всушност, да се соединуваат, да стануваат едно со Бога, и тоа преку Неговите енергии, кои во никој случај не се создадени, туку се нераскинлив дел од Неговата природа, а нам ни се даруваат преку Светиот Дух. На тој начин, причестувајќи се со нив преку светотаинскиот и добродетелен живот во Црквата, да се причестуваме со Самото Божество, да стануваме синови Божји, богови по благодат.

Богопросветлено говорејќи и пишувајќи, воден, како од искуството на Црквата, така и од своето лично искуство, Свети Григориј успешно се спротивставувал на споменатата ерес, која на овие балкански простори била ширена од калабрискиот монах Варлаам и од неговите следбеници. Притоа, борбата за правилниот пристап кон Бога и за исправното вероисповедание не била воопшто лесна.

Самиот Свети Григориј бил прогонуван, протеруван од епископскиот трон во Солун, а бил дури и држен во заточеништво во текот на неколку години. Најпосле, по редица архиерејски собори во Константинопол, на кои се воделе расправи и на кои Палама ревносно го бранел Божјото откровение во Црквата и искуството на светите исихасти, на Петтиот Цариградски Собор во 1351 година, неговото точно и спасително учење било целосно прифатено и официјализирано во Црквата, а самиот тој бил рехабилитиран и почестен.

По многуте напади, маки и искушенија, Црквата најпосле го усвоила тоа свое искуство, искажано преку списите и проповедите на Солунскиот Архиепископ Григориј: целта на Христијаните е да се осветуваат и да се соединуваат со Бога, преку несоздадените Божји енергии, кои дејствуваат во светите Тајни на Црквата и биваат привлечени од добродетелниот живот во содејство со умносрдечната молитва.

Така, Свети Григориј Палама го дообјаснил и дефинирал она што постоело во Црквата уште од почетокот. Тој не донел некоја нова човечка философија, некоја своја измислица, туку го посведочил и докажал она што светите отци од опит го искусиле и кое недобројни Христијани се труделе во подвиг да го постигнат. Всушност, тој бил устата која ја возгласи вистината за она што отсекогаш се случувало во внатрешниот живот на Црквата, длабоко во срцата на верните.

Мили мои, најважниот услов за и ние да го достигнеме обожението е, пред сè, тоа од срце да го посакуваме. Првата претпоставка, значи, за нашето лично обожение е нашата сопствена волја, односно желбата да се соединуваме со Бога. Кога нашата волја ќе ја усогласиме со Божјата, според зборовите на Господовата молитва „да биде волјата Твоја“, тогаш ние пристапуваме кон разни подвизи и трудови, како би можеле полека-полека да ја стекнеме Божествената благодат.

Преку животот во Црквата, проследен со добри дела и со молитва, ние се причестуваме со несоздадените благодатни Божји енергии. Затоа, во Светата и Велика Четириесетница, нашата Мајка Црквата нè повикува на засилен подвиг и воздржание, со цел, во полнота да ни биде откриена Божествената благодат на Воскресението. И токму во неделните денови на Великиот Пост таа ни ги предочува корифеите на верата, подвижниците и проповедниците на Православието, за да ни покаже дека единствената цел на нашето суштествување – обожението, се постигнува со труд и со подвиг. Тоа го означуваат и зборовите на нашиот Спасител во Евангелието, кога вели: Царството небесно насила се зема и силните го грабаат (Матеј 11,12). Без подвиг, без молитва, без добри дела и воздржание и особено без учество во светите тајни на Црквата, невозможно е да влеземе во Царството небесно.

Но, треба да знаеме дека не е доволен само подвигот, туку и правилното верување и исповедање, проследено со правомислие за богооткриената вистина, потврдена преку подвизите и со крвта на многубројните маченици и исповедници на верата наша. Без тоа не е можно да го наследиме Царството. Мили мои, сите ние како Христијани сме должни да ја чуваме чистотата на спасоносната вера.

Најнапред преку личното очистување и обожување, а потоа и со збор и со исповедание. Сите ние во Символот на верата, во однос на нашата света Црква, исповедаме едно крштение за прошка на гревовите и за вечен живот. Црквата е чуварка на тајните на нашето спасение, на богатството на нашиот живот; тука е Божествената благодат и тука е причестувањето со Бога, преку Неговите нестворени енергии.

Од суштинска важност е правилно да ја исповедаме својата вера и да ја чуваме вистината. Во членот од Символот на верата, кој сите го кажуваме на секоја Света Литургија, во делот кој се однесува на Црквата велиме: Во едната, света, соборна и апостолска Црква. Еве ја дефиницијата, еве го името на Црквата во која сите ние православните треба да веруваме. Една, оти Црквата е единствена, неразделна, сплотена, едно Тело Христово; Света, затоа што Свет е нејзиниот Создател и извор на осветување; Соборна, оти Црквата е собор, заедница, универзална за сите луѓе, а не само за одредени народи или групи; Апостолска, бидејќи е востановена и потврдена со крвта на светите Апостоли.

И сега, покрај сето ова, праведно ли е да ѝ даваме друго име на Црквата? Праведно ли е да ја разделуваме по какви било критериуми од овој свет? Штом е една и соборна, може ли истовремено да биде албанска, или бугарска, или грчка, или руска, или српска, или македонска, или каква-годе друга? Какво безумство и колку голем грев правиме кога едната Црква ја разделуваме на некакви национализирани парчиња! За жал, и многумина од нас кои сме во Црквата честопати ги мешаме Божествените со земските нешта.

Не смееме да ѝ го менуваме карактерот на Црквата Божја, која е единствена, вселенска и универзална, насекаде иста. Може само условно да се каже дека таа е административно поделена, заради полесно извршување на пастирските потреби. Но, во никој случај не може да се каже дека таа е разделена на национална основа, бидејќи тоа е голем грев!

Етнофилетизмот во Црквата е осуден како ерес и ние не смееме да се приклонувале кон него, за да не би го изгубиле сопственото спасение. Па дури и оваа своевидна административна поделба на помесни јерархии не треба да значи некаква апсолутна поделба на сосема независни единки, бидејќи сепак постои еден ред, востановен уште од апостолско време и потоа потврден од Вселенските Собори, во врска со тоа како треба да функционира едната, света, соборна и апостолска Црква.

Имаме првопрестолен Патријарх, имаме собор на претстојатели, имаме помесни и големи собори. Соборноста на Црквата ја гледаме уште на самите почетоци, кога Светите Апостоли свикале Апостолски собор во Ерусалим, на кој се советувале и донеле решенија за функционирањето на раната Црква.

Па така, мили мои, да бидеме внимателни и да не дозволиме да бидеме заведени од некои овоземски нешта и интереси, кои сакаат да го извалкаат чистото учење за вистинскиот карактер на Црквата, национализирајќи ја и ограничувајќи ја едната, света, соборна и апостолска Црква. Каков грев е тоа, знаете ли!? Во некое одредено подрачје да даваме ексклузивитет на некоја нација врз Црквата! Или да ја претвораме Црквата во инструмент за опслужување само на одреден народ или држава! Страшно нешто.

Деновиве слушнав како во една соседна помесна Црква, го изменуваат дури и тропарот на Чесниот Крст Спаси го, Господи, народот Свој. Имено, на местото каде што се вели „дарувај им победи на православните Христијани“, таму го изземаат зборот Христијани и го додаваат името на нацијата. Страшно нешто! А другите народи што се во Црквата?

Зарем Црквата е составена од само една нација? Па добро, можеби некој ќе се спротивстави, тврдејќи дека ете во тоа место живеат етнички чисти луѓе (ако воопшто ги има такви), кои ѝ припаѓаат само на една нација. Меѓутоа, што ако во таа прилика на богослужба во храмот дошле и некои други верници, припадници на други нации? Според логиката на првите за нив не треба да важи молитвата и благословот, а може да бидат сметани дури и за непријатели. Не се плашат ли од Бога свештениците кога ѝ даваат ексклузивност на одредена нација во Црквата и ја делат Црквата на национална основа? Да знаете дека тоа е крајно погрешно, тоа е ерес.

Тоа што на богослужба ќе се помолиме за сите православни браќа и сестри ширум светот, без разлика на кој етникум припаѓаат, не нè прави помали Македонци. Не велиме ли на Големиот вход на Светата Литургија: „Сите нас и сите благочестиви Христијани да ги спомне Господ Бог во Царството Свое?“ Сите православни Христијани сме еден народ, избран род, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени за да ги возвестиме совршенствата на Оној Кој нè повикал од темнина во Својата чудесна светлина (1. Петр. 2,9). Не смееме Црквата да ја разболуваме со национализам.

Ако в Црква почнеме да ставаме што било пред Христа, ќе го налутиме Господ. Токму поради таквите појави страдаме ние православните денес. Многумина архиереи, свештеници, теолози го знаат сето ова, но не преземаат ништо. Се чудам во каква ли замаеност живеат, штом не ја исповедаат правилно верата наша. Проповедањето на вистината е за доброто на сите, за сите да имаме благослов. А надвор, кога се трудам да го љубам ближниот свој и да им помагам на сите околу мене, тогаш всушност му помагам на мојот народ.

И ќе бидам добар Македонец, вистински патриот, само доколку сум дејствителен Христијанин, доколку на дело им служам на ближните свои. И да, Црквата му припаѓа на еден народ во толкава мера во која што тој народ ги живее нејзините свети тајни. Тогаш таа му дава на тој народ вистинска постојба и опстојба и во световна смисла.

Да го помолиме Светиот Отец наш Григориј Палама, Солунскиот Чудотворец, кој има голема слобода пред Спасителот наш Господ Исус Христос, да се застапува за нас, та да го изодиме патот на Постот онака како што треба, подвизувајќи се во правомислие и во љубов кон Бога и кон ближниот и да ја дочекаме Светата Пасха со радост, сите заедно на број, здрави и живи.

Фото: bigorski.org.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Иницијативата за промена на начинот на носење одлуки во ЕУ се однесува и на проширувањето, вели словенечката претседателка

Редакција

Само Амди Бајрам може да има ваков анкетен лист: Каков имот пријавил

Редакција

(Фото) Пендаровски со сопругата и синот подготвуваа храна за бездомни и социјално загрозени лица

Редакција