Британскиот синт-поп бенд „Депеш мод“ го објави новиот, 15-ти студиски албум „Memento Mori“.
Овој наслов е избран уште пред смртта на еден од основачите на групата – клавијатуристот Енди Флечер.
– Смртта на Флечер на некој начин само потврди дека албумот треба да се вика така. Иако мислевме дека е добар наслов, сега мислиме и дека е фер да го наречеме така, изјави гитаристот Мартин Гор.
Познатиот Флеч почина на 60-годишна возраст во мај 2022 година, од ретка васкуларна болест. Иако некои го сметаат за спореден музичар во составот, тој беше врската меѓу двајцата лидери на бендот – Гор и пејачот Дејв Геан, кои „никогаш не биле најдобри пријатели на светот“, според наводите.
– Флеч беше тој што доаѓаше да ми каже – Мартин не сака ова или она. Сега тој веќе не е со нас, па јас и Мартин мораме да разговараме. Моравме повторно да комуницираме и тоа го одбележа албумот!, изјави Геан неодамна за западните медиуми.
Пејачот додаде дека Мартин при снимањето на албумот, имал впечаток дека „го пронашол одамна загубениот брат“, говорејќи за Гор.
МИА/Фото/видео: Фејсбук/Депеш мод