еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Максим Ристески: Семејството ми е темел во животот

Поради неговата сестраност и бројните интереси и работни искуства, на Максим Ристески не е лесно да му се дефинира професијата, а заеднички именител од сѐ што работел во животот се две работи: пишувањето и уметноста.

Во рубриката на еМагазин, “На кафе во Кантина“, Ристески за првпат зборува за приватниот живот.

Наместо доктор, уметник

Како дете бил фасциниран од стрипови и филмови и како што вели поранешна Југославија била многу благодарна во таа смисла.

Го интересирало и цртањето и уште како мал сфатил дека има талент, што подоцна ќе го однесе во светот на ликовната уметност.

Растел со отворени родители и нивниот однос, како што вели, зависно од возраста, се градел на база на заемна доверба.

Татко му работел како ветеринар, а мајка му како службеничка.

“Некако не беа за мојата професија да биде уметност, но нѐ притискаа кој ќе биде мојот избор“, раскажува тој.

На крај сепак се одлучува за средно медицинско училиште, но по две години го напушта и се префрлува во уметничко.

Раѓањето на „Нулта позитив“

По завршувањето на средно уметничко училиште не продолжил на ликовна академија, туку се запишал на Филозофскиот факултет во Скопје.

Во овој период, се посветува и на уште една голема љубов од детството, пишувањето стихови, па заедно со другарите Дарко Димитров и Дарко Стефановски – Мече, ја основаат групата „Нулта позитив“, која нуди еден нов звук на македонската музичка сцена, светски актуелен во тој период – поп хип хоп, иако тие приватно слушаат, како што вели самиот hard core рап.

Ретко кој не се сеќава на нивниот голем хит „Отвори го пенџерчето“ со легендарниот Мирко Митревски, како и нивната преработка на „Чудна жена беше Вера“.

„На почетокот на деведесеттите беше многу тешко да се појавиш на телевизија. Немаше приватни телевизии, немаше спотови, немаше голема продукција… Па поради популарноста на нашите песни, често гостувавме во МТВ, речиси секоја недела…“, раскажува тој.

Во текот на следните четири години групата ќе освои бројни награди од хит на годината до деби албум на годината и спот на годината, ќе има бројни настапи низ Македонија, а истата „екипа“ ќе стави свој печат и на емисијата “Атак“, која се емитува на една од првите телевизии Сител, која тогаш зрачи на локално ниво.

„Сѐ се случуваше многу брзо“, раскажува тој.

Влегувањето во црковниот свет

По музичкото искуство, прави драстична промена во својот живот. Станува монах.

„Уште како мал ме интересираше мистиката и уште од тогаш покажував интерес за црковниот свет.

Одлуката за замонашување не беше рационална. Со рационалност не може да се објасни каков е тој монашки призив, чувството со целото битие дека тоа е тоа што треба да го направам„, раскажува тој.

Тогаш е на возраст од 21 година.

„Вистинскиот монашки етос ми го откри владиката Наум. Немав никаква дилема дека во вистинското време сум на вистинското место, со чувство дека ми е исполнет секој аспект од мојата личност.

Овој период од животот го поминува во манастирите во Вељуса, Водоча, Берово и Марков манастир во Скопје, каде поминувајќи ги претходните потребни фази на црковната хиерархија, станува игумен.

„Имав претстава што ме очекува на овој пат, на земјата да пробуваш да живееш небески. Тоа и го добив“, вели тој.

И овде ја продолжува комуникацијата со јавноста, но на друг начин. Преку духовните пораки во „Извор„ на МТВ, кои се емитуваат секојдневно, но и како духовник на многу духовни чеда.

“Беше напорно, но Господ секогаш возвраќа. Тој никогаш не ти дава да носиш поголем крст од тој што можеш да го носиш“, вели тој.

Семејството темел на животот

По 11.5 години во манастир донесува нова одлука, за кој повторно вели дека е надрационална и основа семејство.

Се запознава и се вљубува во Александра со која стапува во брак, со која имаат три деца, Ева (23), Исак (17), деца од претходниот брак на сопругата и Петар (9).

Ева е на постдипломски во Италија, а Исак сака да биде спортист и е талентиран боксер.

„Семејството ми е темел во животот. Во одлуките како таа за заминување во манастир или за основање семејство со сопругата Александра нема простор за калкулации, за избор меѓу ова и она, зашто изборот е најприродниот можен, во кој е убедена целата личност“, вели тој.

Во овој период работи и во областа на копирајт, пишува реклами, а влегува и во новинарски води, работејќи во неделникот „Капитал“.

Во пандемијата со Ковид-19 се роди првиот роман „Пештера“

Пандемијата со Ковид-19 се покажа како вистинското време, конечно да го напише својот прв роман “Пештера„, кој му бил во мислите подолго време, кој го издаде „Или-или“ минатата година, а истиот промоцијата ја има годинава.

Веќе работи на вториот и како што вели многу е возбуден поради тоа.

„Повторно сум исполнет и на вистинското место“, вели тој.

Не завршил и со уметноста, па со истата сега се занимава преку неговиот сајт Патем.мк, на кој објавува информации за различни сфери од културата.

Последниве години заедно со братот на неговата сопруга е ангажиран и во онлајн-продавницата hart.mk за продажба на премиум производи – италијански пенкала, уметнички слики, декоративни свеќи.

Фото: Ивана Кузмановска

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Каков имот пријавила: Мира „дизел“ има само кредит и кредитна картичка

Редакција

Зошто говорите на ЕУ се толку досадни

Редакција

ЕСМ Продажба ги испрати по пошта договорите за субвенционирано снабдување, поевтина струја од 1 декември

Редакција