еМагазин
Image default
Македонија

Почнува расправата за формирање независна Агенција за борба против висока корупција и организиран криминал

По долги години отпор од партиите, денеска Парламентот треба да ја почне расправата по Предлог законот за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, поднесен од пратеникот Павле Трајанов, информираат од Демократски сојуз.

„Со усвојувањето на овој закон се создаваат услови за искоренување на криминалот од функционери и други лица инволвирани во висока корупција.

За првпат во Македонија се формира независна Агенција за борба против тешките облици на криминал, над која нема да има партиско и политичко влијание или влијание од носителите на високи политички и државни функции.

Во законот се вградени системски решенија кои ја гарантираат самостојноста на Агенцијата при откривање и документирање на криминал со огромни димензии.

Оваа Агенција треба да открива тешки облици на криминал, да поднесува кривични пријави, да предлага конфискација на имотот стекнат на криминален начин, како и да предлага забрана на политичко дејствување,“ се вели во соопштението.

Со Агенцијата ќе раководи директор кој ќе го избира борд од 12 лица со висок интегритет и резистентни на политички и коруптивни влијанија.

Во Агенцијата ќе се ангажираат (околу 40) врвни професионалци, со посебни права и овластувања.

„Инаку овој закон е дел од проектот ДЕКРИ, по чиј урнек вакви независни институции се формираа во БиХ, Србија, Хрватска, Словенија, Англија, Црна Гора и други држави. Само во Македонија постоеше и постои отпор да се формира независна институција за борба против организинираниот криминал, која нема да можат да ја контролираат партиите.

Во време кога Македонија е високо криминализирана, кога секојдневно се соочуваме со информации за криминал и корупција од високи размери, кога постојните институции се партизирани и парализирани, ги повикуваме пратениците да ги надминат теснопартиските интереси и да гласаат за започнување на борба против криминалот кој ги разорува институциите и државата во целина,“ се додава во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Штип, Свет Николе и Куманово со најмногу заразени со Ковид-19 на 100.000 жители

Редакција

Обвинетиот Влатко Кешишев ја однел полицијата до местото каде била закопана Вања

Редакција

Мијалков нема да одговара за прислушувањето, застаре делото за „Таргет-Тврдина„, трошоците за судењето ќе ги платат граѓаните

Редакција