Вчера на 86-годишна возраст почина италијанскиот политичар и бизнисмен Силвио Берлускони.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
На 86-годишна возраст почина Силвио Берлускони
Политичка кариера
Тој беше водач на политичкото движење Форца Италија, кое беше основано во јануари 1994 година, и првпат се кандираше на парламентарните избори во март истата година.
Берлускони беше премиер седум месеци во 1994 година.
Во 2001 година повторно стана премиер, а втората влада на Берлускони е најдолготрајната во историјата на италијанската република.
Во април 2005 година, Берлускони понуди оставка на својата влада по поразот на регионалните избори и внатрешните проблеми во коалицијата. По неколку дена формираше нова влада без поголеми промени во составот.
На парламентарните избори во април 2006 година, коалицијата на Берлускони изгуби од левата коалиција на Романо Проди. Победата беше многу тесна (помалку од 1%), па Берлускони долго време ги оспоруваше резултатите, за конечно, на почетокот на мај, да поднесе оставка.
Тој беше реизбран за премиер по изборите во 2008 година, по падот на кабинетот на Проди и по трет пат положи заклетва како премиер во мај 2008 година.
Откако го загуби своето мнозинство во Парламентот поради растечките фискални проблеми поврзани со европската должничка криза, Берлускони поднесе оставка како премиер во ноември 2011 година.
Поради пресудата за даночна измама, доби забрана шест години да се занимава со политика и политички камбек направи во 2019 година, кога влезе како европратеник во Европскиот парламент.
Беше кандидат на италијанските претседателски избори во 2022 година, на кои на крајот победи Серџо Матарела.
Неговата партија моментално е дел од актуелната италијанска влада.
Му беше судено најмалку 36 пати
Во текот на целата политичка кариера беше следен со обвинувања дека влегол во политиката за да избегне гонење за корупција – обвиненија што ќе ги отфрли како дел од „комунистичкиот“ лов на вештерки.
Нему му беше судено најмалку 36 пати, по обвиненија од рекет до поткуп на судии, избегнување на неколку пресуди откако неговата влада го скрати статутот на застареност или на друг начин го промени законот.
Често беше обвинуван во медиумите дека има врски со мафијата, а тој исто така често негираше.
Во 2013 година беше осуден за даночна измама, а неговата пресуда од истата година за плаќање на 17-годишна девојка за секс и злоупотреба на положбата за да ја прикрие, подоцна беше поништена.
Еден од најбогатите Италијанци и сопственик на фудбалскиот клуб Милан
Тој е сопственик и основач на повеќе медиумски компании кои се познати и како „италијанско медиско царство“. Според магазинот Форбс, Берлускони беше најбогатиот човек во Италија, со имот вреден 12 милијарди долари во 2005 година, а истовремено тогаш беше и 25. најбогат човек на светот.
Беше претседател и на фудбалскиот клуб Милан во периодот од 1986 до 2004 година.
По неговата оставка, која беше изнудена со закон, на 26 декември 2004 година тимот одбра нов претседател, па тој беше само сопственик на тимот.
Со нето богатство од 6,8 милијарди американски долари заклучно со јуни 2023 година, Берлускони беше трет најбогат човек во Италија во моментот на неговата смрт.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Груевски открива каков бил односот на Берлускони кон Македонија
Користени материјали од Википедија/Фото: Фејсбук/Берлускони