Тимови од Генералниот секретаријат за санирање на штети од елементарни непогоди во Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција ја завршија првата фаза од регистрацијата на штетите по пожарите во западниот и источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, во Коринт и на Родос и вкупно 118 објекти се окарактеризирани како опасни за употреба, јави дописничката на МИА од Атина.
Во пет општини во Атика и Коринт од вкупно 344 проверени објекти, односно домови, деловни простори, магацини и слично 112 објекти се окарактеризирани како опасни за употреба („црвени“), 102 се привремено несоодветни за користење, а останатите 130 претрпеле мала штета, но може да се користат.
На островот Родос, каде што пожарот беше активен над десет дена, во две општини биле проверени 45 објекти, од кои осум се опасни за користење.
Веднаш по првите пожари во областа Атика, пред две седмици беше завршена првата регистрација, а тогаш Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција соопшти низа мерки за државна помош за погодените од пожарите.
МИА/Фото: Министерство за климатски кризи и цивилна заштита на Грција