еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Националниот парк „Шар Планина“ до Владата испрати барање за раскинување на договорите за изградбата на две мали хидроелектрани во прекрасната Лешничка долина

Националниот парк Шар Планина до Владата испрати официјално барање за раскинување на договорите за изградбата на две мали хидроелектрани: Пена 84 и Пена 85 во Лешничка долина.

Од Јавната установа посочуваат дека мора да се спречи изградба на овие две мали хидроелектрани за да не дојде до долгорочни последици врз природата, во заштитените подрачја на националниот парк.

Воедно, за да се спречат штетите од инфраструктурни проекти, НП Шар Планина бара сите останати постапки за изградба на мали хидроелектрани. во заштитените подрачја да бидат веднаш запрени.

Во барањето образложуваат дека фирмата која има намера да гради, има договор од 2017, кој веќе е вон сила, но и анекс – договор, со кој Министерството за животна средина и просторно планирање го продолжува рокот за концесионерски договори за користење на вода за производство на електрична енергија и употреба на мала хидроелектрична централа за Пена 84 и Пена 85 од 25.01.2023 до 25.11.2024 година.

Националниот парк не бил известен за оваа одлука, како и за тоа фирмата да има привремен статус за повластен производител од 25.01.2023 до 25.11.2024 година за Пена 84 и Пена 85.

– За време на носење на оваа одлука Јавната установа „Национален Парк Шар Планина“ беше во исчекување на одобрувањето на Планот за управување токму од Министерството за животна средина и просторно планирање и, со тоа не беше консултирана.

Одлуката за продолжување на рокот е потпишана на 09.03.2023 година, додека Планот за управување со паркот е одобрен на 27.03.2023 година. Ја изразуваме нашата загриженост за нетранспарентноста при процесите кои се водат, а ги засегаат користењето на ресурсите, биолошката разновидност и локалното население на територија на Националниот Парк Шар Планина и целиот полошки регион, се вели во барањето до Владата.

Понатаму, образложуваат дека Пена 84 со својата планирана траса поминува комплетно во зоната на активно управување, со што се прави прекршување на Законот за заштита на природата, бидејќи во оваа зона не се дозволени никакви економски активности.

– Воедно, на истата траса, поминува и системот за водоснабдување на град Тетово со вода за пиење. Поради нестабилноста на земјиштето во овој предел Ј. У. Н.П. Шар Планина, во договор со Јавното комунално претпријатие, воведе забрана за движење на тој предел со цел да се заштити водата за пиење. Изградбата на вакви инфраструктурни објекти значи практично упад во овој многу значаен систем за населението во целиот Полошки регион, велат во писмото од НП Шар Планина.

Вработените во паркот образложуваат дека долината на реката Пена, во која е предвидена изградбата на МХЕ Пена 84 и Пена 85, воедно е дел од идните Натура 2000 подрачја и Емералд подрачје, воспоставено преку механизмот на Конвенцијата за заштита на дивиот свет и природните живеалишта во Европа, Бернската конвенција.

Во моментот во Националниот парк оперативни се 13 мали хидроелектрани, додека една е завршена, но сè уште не е оперативна.

Фото: eMagazin.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Весна Петрушевска од пред Собрание: Макрон, Македонка сум, ако не разбираш ќе ти преведеме

Редакција

Мијалков ги дал насоките за ништење на системите за прислушување во УБК, рече на судењето за „Таргет-Тврдина“ обвинителката Ристоска

Редакција

Топ пет компании од Македонската берза со најголема добивка: Големите банки на врвот

Редакција