еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Најлошото сценарио е тотална војна на Блискиот Исток

Дојче Веле

Бруталниот напад на Хамас наидува на силна одмазда од страна на Израел. Но, дали е тоа подготовка за копнена офанзива на Појасот Газа или дури и почеток на голема војна? Експертите велат дека тоа не е исклучено.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Вознемирувачки видеа) Како изгледа Газа по нападите од Израел

Непосредно по терористичките напади на Хамас врз Израел – со илјадници проектили и копнена пенетрација – голем број експерти истакнаа дека тоа е страшен пропуст на израелските служби.

Германскиот експерт за Блискиот Исток, Мајкл Лидерс, го опиша како „тежок шамар за воениот естаблишмент на Израел“.

-Верувам дека во моментов има голема несигурност во политичкиот естаблишмент на Израел. Нападот беше изненадување за Израел, што е изненадувачки – обично израелските тајни служби се одлично подготвени, а граничната ограда кон Газа е технички опремена, изјави тој за јавната телевизија ЗДФ.

-Хамас очигледно долго време се подготвува за ваков напад. Нападот е пресвртница. Бидејќи, во претходните конфликти, имаше напади, израелски одговори, игри со мачки и глушец. Но, сега Хамас за прв пат успеа да навлезе на израелска територија со многу борци, за да не бидат веднаш потиснати, туку да се случат жестоки борби, додава Лидерс.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Вознемирувачки видеа) Шокатни снимки од киднапирани Израелци од страна на Хамас

Дефинитивно ќе биде многу крваво

Воениот коментатор Гидо Шмитке вели дека дури и израелскиот противвоздушен систем „Железна купола“ е преоптоварен.

-Со овој број на ракети истрелани од Хамас во исто време, тој систем не може да ја собори секоја. Една батерија може истовремено да цели шест проектили. Веројатно нема повеќе од четири до шест такви батерии околу Појасот Газа и секоја треба да покрива 150 квадратни километри, изјави тој за порталот „т-онлајн“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Како функционира израелската „Железна купола“, системот за противракетна одбрана

За Израел ова е шок, веројатно поголем од војната во Јом Кипур пред точно половина век. Борците на Хамас среде израелски градови, околу стотина киднапирани Израелци и гозба со мртвите…

Премиерот Бенјамин Нетанјаху најави одмазда и долг конфликт. Военото раководство вети дека ќе заврши со Хамас за никогаш повеќе да не биде возможен сличен напад. Но, што значи тоа?

-Тоа сигурно ќе биде многу крваво, вели Лидерс, кој не може да процени дали израелската Армија ќе влезе во Газа по копно. „Израелската одмазда ќе дојде. Овој конфликт ќе трае со денови, можеби дури и со недели и има потенцијал да ескалира“.

Уличните борби се ризик за секоја армија

-Засега на Западниот Брег е релативно мирно, но и таму луѓето се многу очајни со оглед на условите за живот и израелската окупација. Од палестинска гледна точка, особено Палестинците од Газа кои знаат дека ќе платат страшна жртва во крв: што имаат да изгубат?, прашува Лидерс.

-Тие живеат во област не поголема од градот Бремен со над два милиони луѓе. Тоа е едно од најгусто населените места во светот. Нема снабдување со храна и вода, таму пијат солена вода. Тоа е страшна ситуација за тие луѓе, во еден вид затвор без покрив, додава овој експерт.

Шмитке, кој поминал децении известувајќи од боиштата низ светот, вели дека Израел нема да избрзува со копнена офанзива. Има информации дека се подготвуваат израелски тенкови и оклопни возила.

-Хамас веројатно е подготвен за тоа сценарио, со систем од тунели, проширени подруми, стапици и слично. Урбаните операции, борбата од куќа до куќа се голем предизвик за секоја армија. Тие се секогаш крајно крвави и значат човечки загуби затоа што сте изложени на оган или експлозиви од сите страни, вели Шмитке.

Израел ќе го нападне Иран?

Според оценката на Мајкл Лидерс, Хамас веќе успеал на некој начин – со прекин на нормализацијата на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија. На Израел повторно ќе се гледа со презир во арапскиот свет.

-Со овој напад, израелската стратегија за ѕидање и одземање на правото на луѓето исто така целосно пропадна, вели Лидерс. „Овие воени денови се почеток на големи политички промени во регионот. Мислам дека на тоа се надеваше Хамас, пред се затоа што официјалната палестинска управа на Западниот Брег воопшто не е популарна меѓу Палестинците“.

Како што додава воениот експерт Шмитке, најлошо може да биде ако либанскиот Хезболах, кој има поддршка од Иран, отворено интервенира во војната.

-Тешко е да се биде пророк кога станува збор за воени конфликти, но не е невозможно Израел да цели на некои цели во Иран. Во најлош случај, тоа може да доведе до општо пожар на Блискиот Исток. Мислам дека САД, кои се подготвени да го поддржат Израел на секој начин, ќе направат се за да го спречат таквото сценарио или барем да го ограничат, додава тој.

МИА/Фото: Израелско МО

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Снимки од дрон по катастрофалните земјотреси во Албанија

Редакција

Новогодишни честитки од Апелација: Укинат притворот на Јанакиески, Јосифовиќ, Божиновски и Арсовска, четворицата во куќен притвор

Редакција

ЕУ дипломати: Нема поддршка за одвојување на Македонија и Албанија на европскиот пат

Редакција