Основниот Суд Скопје пресуди во корист на бизнисменот Кочо Анѓушев по неговата тужба за клевета за Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главната уредничка Сашка Цветковска.
ИРЛ во мај 2021 година објавија сторија со наслов „Заговор против воздухот“ во која беше споменат и поранешниот заменик премиер за економски прашања, Анѓушев.
Тој поведе постапка во која пред судот тврдеше дека сторијата претставува навреда и клевета против него.
Пресудата ја осудија Меѓународната федерација на новинари (МФН), Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
– За времетраење на процесот, членките на МФН, Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници аргументираа дека новинарите не смеат да бидат третирани како јавно зло, затоа што тие вршат работа од јавен интерес, соопштија од ССНМ.
ЗНМ и ССНМ сметаат дека акцијата против Цветковска претставува СЛАП (стратешка тужба против јавно учество) – односно легално малтретирање на новинари со намера да бидат спречени да си ја извршуваат својата работа.
Новинарското здружение и синдикатот, сметаат дека пресудата претставува неуспех на судијата да го стави јавниот интерес, интересот на граѓаните над приватниот интерес на моќен бизнисмен.
– Новинарството е јавно добро и работа на секој новинар е да ги открива системските грешки. Одлуката на судот против ИРЛ е класичен пример на занемарување на јавниот интерес.
Жалиме што судот ја прифати оваа класична СЛАП тужба која беше поведена токму за заплашување и демотивирање на новинарите, смета претседателот на ССНМ, Павле Беловски.
Заменикот генерален секретар на МФН, Тим Доусон вели дека задачата на новинарите е да откриваат малверзации, корупција и некомпетентност.
– За жал, оние чиишто активности се разоткриени го злоупотребуваат правниот систем за малтретирање и замолчување на нивните критичари. Случајот со Истражувачката репортерска лабораторија и нејзиниот главен уредник Сашка Цветковска е пример токму за ова, вели Доусон.
Од ССНМ и ЗНМ нагласуваат дека оваа судска одлука влегува во растечкиот глобален број на случаи каде што слободата на изразување е замолчена од неоправдано правно заплашување и финансиско исцрпување на новинарите.
Реагираа и од Фероинвест, компанијата на Анѓушев.
-Анѓушев и Брако го тужеа ИРЛ за емисија објавена на Македонската телевизија во која се изнесуваа лажни конструкции без да му се даде простор на Анѓушев и на компанијата да изнесат своја страна и да дадат одговори на јавните неосновани прозивки.
И Анѓушев лично и Брако ги негираа наводите и повеќе пати изјавиja дека ИРЛ е во постојан напад врз компаниите и нивниот сопственик, од причини непознати за јавноста.
Особено го осудуваме однесувањето на ИРЛ и на Здружението на новинарите кои постојано вршеа притисок врз судот да ги ослободи од одговорност, до степен на јавни закани до судијата, кои се одвиваа дури и на само неколку часа пред објавување на пресудата.
Во судницата судијката беше вербално нападната од присутните ИРЛ и ЗНМ кои предизвикаа нарушување на редот и мирот, поради што во судницата мораше да дојде судското обезбедување, што е срам за една интелектуална фела која работи во јавната сфера.
Потсетуваме дека истата судијка во првата постапка ги ослободи ИРЛ од одговорност, и тогаш судијката не беше напаѓана ниту од ИРЛ, ниту пак од тужителот Анѓушев.
Денес судот е напаѓан затоа што првата пресуда падна на Апелација и се спроведе повторено судење со изведување нови искази и докази и овој пат е пресудено против ИРЛ. По изрекувањето на пресудата, ИРЛ продолжи да ја демне компанијата. Лица од нивната група се распоредени околу деловната зграда и го фотографираат објектот и вработените.
Ставот на Фероинвест и Брако, како фирми во сопственост на Кочо Анѓушев, е дека е лесно под закрилата на изразот “јавен интерес” постојано да се напаѓаат приватни фирми, стопанственици, луѓе кои ја прават економијата на една држава и да им се нанесува штета во нивното работење.
Затоа сметаме дека судот испрати добра порака дека новинарството навистина треба да застапува јавен интерес, а не зад тоа да се крие некој друг интерес.
Ја поздравуваме одлуката на судот, но сметаме и дека други институции во државата, како финансова полиција, инспекциски служби, УЈП и слично, треба да проверат како работат овие групи, дали исплаќаат пари на вработените на рака, односно без да поминат преку даночните системи на контрола на државата, дали повиците за донации се само маска, понатаму да се провери од каде доаѓаат некои суми и за која цел, итн.. Има многу различни информации во општеството за кои институциите треба да постапат по допрен глас.
Ја осудуваме и злоупотребата на Здружението на новинарите за вршење притисок врз судот од страна на претседателот на ЗНМ, кој ќерката ја вработи во ИРЛ, и во чии активности очигледно има елементи на конфликт на интереси и трговија со влијание.
Како стопански субјект, ние ќе ја информираме Европската федерација на новинари за случувањата во ЗНМ, како и дека се злоупотребува името и кредибилитетот на Европската федерација, со нејзино доведување во заблуда за случувањата во Македонија, со цел лична корист на поединци во Здружението, кои за таа цел поддржуваат група која поради своите постапки е веќе осудувана за клевети и претходно, велат од компанијата.