Секторот за внатрешни работи Штип поднесе кривична пријава против Н.А.(31) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“ и против П.А.(34), Ѓ.И.(30) и М.В.(40), сите од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“, информира МВР.
На 19.08.2018 година околу 00,20 часот во Штип, на улицата „Кирил и Методиј“ во кафе бар првопријавениот, под дејство на алкохол, го нарушил јавниот ред и мир, по што настанала вербална расправија и физичка пресметка помеѓу истиот и второпријавениот, кој е сопственик на објектот. По ова, истите излегле надвор од објектот, каде првопријавениот, управувајќи возило „Ауди А6“, се обидел да го прегази второпријавениот и уште две други лица, при што им нанел телесни повреди. Потоа второ, трето и четвртопријавениот започнале да го оштетуваат наведеното возило, во кое имало уште еден сопатник и физички го нападнале првопријавениот.