Заврши тридневниот Министерски состанок на ОБСЕ кој се одржа во Скопје, а иден претседавач со Организацијата во 2024 година ќе биде Малта. Оваа одлука едногласно ја прифатија 57 земји членки.
Министерот за надворешни работи и досегашен претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи за време на последната прес-конференција во рамки на Самитот, оцени дека „ОБСЕ е безбедно, ја спасивме организацијата“
„Не беа направени компромиси по однос на принципите и заложбите на ОБСЕ за изборот на Малта за следен претседавач со ОБСЕ. Нашиот постојан претставник во ОБСЕ направи исклучително успешна операција на постигнување согласност на ниво на амбасадори, а потоа и на политичко ниво на министри,“ порача Османи, кој последната прес-конференција во рамки на Самитот ја одржа со новиот претседавач, шефот на дипломатијата на Малта, Јан Борг и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид,на која и беше продолжен мандатот.
На Самитот во Скопје беше одлучено да се продолжи мандатот на високиот комесар за национални малцинства, Каират Абдракхманов, како и на претставничката за слобода на медиуми на ОБСЕ, Тереза Рибеиро. Реизбран е и Матео Мекачи на чело на ОДИХР.
Османи изјави дека и покрај сите напори да се донесе буџет за организацијата, тој не е одобрен од 2021 година поради блокадата од Руската Федерација. Тој посочи дека е важно да се работи на буџетот за 2023 година.
Испрати апел Руската Федерација да овозможи консензус за буџетот, за да не трпат последици теренските операции во Молдавија, Приштина, Сараево, Скопје и други.
„Недостигот на буџет за кој сме сите согласни е вистински проблем, бидејќи кога буџетот не е одобрен на крајот од декември, според финансиските регулации, мора да оперираме со месечни издатоци базирани на буџетот кој беше последно одобрен, во овој случај тоа е буџетот од 2021, кој не ги вклучува зголемувањето на платите и инфлацијата,“ изјави Марија Шмид.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Како изгледа салата во која се одржува Самитот на ОБСЕ
Што е ОБСЕ, чиј министерски Самит почнува денеска во Скопје
(Видео+фото) Лавров слета во Скопје, Блинкен одлета
Фото: МНР