Државната агенција МИА пренесе дека прилепчанец на 80-годишна возраст денеска претпладнето е пронајден мртов во двор на фарма на периферијата на Прилеп, крај стариот пат за Битола.
Итната медицинска помош констатирала смрт, но и дека делови од неговото тело биле изедени од свињи.
Увид направиле полицијата и основен јавен обвинител, кој наредил обдукција за да се констатираат причините на смртта на прилепчанецот.
Екипата на Итната медицинска помош повикот го добила околу 11 часот.
– Кога стигнавме до фармата, тешко беше пристапно, но со помош на полицијата влеговме во дворот и го пронајдовме телото на прилепчанецот, роден во 1943 година. Но, сликата беше тешка и морничава. Имаше изедени делови од телото од свињи, десното стапало, делови од лицето, вратот, од градниот кош.
Претпоставка е дека починал последните два дена, но обдукцијата ќе ги открие причините, објаснува за МИА доктор Софија Ристеска од службата за Итна помош од Прилеп, која интервенирала на местото.