Курто Дудуш, градоначалникот на скопската општина Шуто Оризари, заработи кривична пријава за несовесно работење во службата.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата” по член 353 од Кривичниот законик.
Тој се товари дека за директори во детска градинка во Општината именувал лица кои не биле вработени во таа установа и покрај тоа што во законот е нагласено дека именувањето на оваа функција треба да биде од редот на вработените во детската градинка.
„Во текот на 2020 и 2024 година пријавениот К. Д. (49), градоначалник на скопска општина несовесно постапил во извршување на своите овластувања при спроведување на управна постапка и ги повредил законските прописи на начин што постапил спротивно на Законот за заштита на деца – член 126“, велат од МВР.