Во Македонија 75% од луѓето живеат со родителите до 30 годишна возраст и оваа состојба мора да се промени, рече претставничката од Интернационалната унија на станари, Барбара Стинберген на четвртиот Социо-еколошки форум во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ со канцеларија во Скопје
„Во Швајцарија 70% се станари, а само 30% се сопственици, од земјата каде што доаѓам јас 40% имаат свои домови, а останатите 60% изнајмуваат. Сметам дека е многу важно граѓаните да имаат избор како сакаат да живеат, не само со сопствеништво, туку и како закупец, но и во рамки на задруги.
Потребна ни е промена кон социјална правичност и достапност, вистинскиот напредок доаѓа од социјалните движења. Во Македонија повеќе од 75% од луѓето живеат со своите родители до 30 годишна возраст, како таа младина да започне независен живот ако овој проблем не се надмине. Мора да најдеме јавно и достапно, па дури и социјално решение во овој систем на изнајмување“, рече Стинберген.
Директорот на Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје, Питер Хурелбринк изјави дека целта на форумот е на едно место да ги собере прогресивните носители на одлуки, претставници на синдикати, младински лидери, невладини организации од Западен Балкан, но и од останатиот дел на Европа кадешто заедно ќе се продискутира за можностите и потребите за социјално праведна еколошка трансформација, а истовремено да се поддржи и одржлив економски развој ставајќи крај на сиромаштијата со фосилни горива како што е особено видлива во овој регион.
Форумот беше отворен со воведни излагања на Ивана Вучкова, проектна менаџерка на Фондацијата, која потенцираше дека за демократија се потребни демократи, а за енергија потребна е демократизација. Таа изјави дека граѓаните мора да бидат вклучени во секоја локална или национална енергетска стратегија за да се обезбеди праведна енергетска транзиција како што е примерот со многу држави кои од фосилни горива преминале на обновливи горива, со инсталирање на големи електрани на ветер и сонце што придонесува за праведна транзиција.
Претседателот на Регулаторна комисија за енегетика, Марко Бислимовски, изјави дека во изминативе две и пол години во земјава се изградени нови електрани од обновливи извори со вкупен инсталиран капацитет од 700 MW, што претставува раст од 25-30 % на инсталираниот капацитет воопшто кој досега сме го имале со што практично сме ја зајакнале енергетската независност.
„Воведувањето на дневна евтина тарифа од 13 до 15 часот е директен бенефит од Елдорадото на фотоволтаици што се случува во земјава. Поради историскиот рекорден намален увоз на струја од 30 на 2,75%, како директен резултата на овие инвестиции во обновливи извори сега се анализира можноста да се прошири евтината дневна тарифа на уште еден дополнителен час“, рече Бислимоски.
Фото: Игор Бансколиев