еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Златица Петковска, ПИНА: Новинарството е излишно ако не работи во име на општото добро

Новинарката Златица Петковска е една од основачките на Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА) и една од главните координаторки на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје (ИФФС). Моментално е фриленсер фокусирана на работата на ИФФС, а во разговор со еМагазин сподели што се може да очекуваат посетителите на второто издание на ИФФС, кое ќе се одржи од 25 до 27 октомври во „Кино Култура“.

Минатата година фестивалот предизвика големо внимание. Кои се вашите очекувања за годинава?

Лани ни беше особено драго што покрај квалитетните гости од странство, можеби најголемо внимание предизвикаа нашите домашни ексклузиви – настапот на Ѓорѓи Лазаревски и првото јавно појавување на велешки автор на лажни вести. Останатите фестивалски гости со интерес ги следеа овие дебати, што всушност и беше наша цел, не само да донесеме дел од светот во Македонија, туку и на одреден начин да ги извеземе нашите приказни надвор, овозможувајќи им на домашните професионалци да се поврзат со колеги од светот.

И годинава очекуваме фестивалот да биде плодна почва за соработка на македонски и странски новинари, а судејќи според бројот и профилот на пријавените волонтери со радост забележавме дека младите медиумски работници го препознаваат Истражувачкиот филмски фестивал Скопје како свое место и навистина ни е драго што се заинтересирани да придонесат во заокружување на овој потфат.

Оваа година имате ексклузивни гости, како на пр. преставниците на Google News Lab, што е за прв пат во Македонија. Што се е предвидено со програмата?

Да, на ИФФС за прв пат во Македонија ќе се одржи работилница на Google News Lab. Можноста да се биде во тек со светските медиумски трендови е клучен дел од мисијата на ИФФС, а работилниците и предавањата на фестивалот ќе им бидат од полза како на новинарите, така и на други креативци и потенцијални претприемачи.

Покрај новите дигитални алатки презентирани од Google News Lab, публиката ќе може да се запознае и со неверојатно успешното crowdfunding финансирање на хрватскиот портал Лупига, и со ефективноста на кусите видео-раскажувачки форми на домашниот дигитален медиум Види Вака.

Со годинешната тема „Вистина, лаги и лајкови“ ИФФС се осврнува на тоа колку е тешко да се издвои вистината од лагата, особено во ера на брзи споделувања непроверени вести, па фестивалот го започнуваме со Jane Lytvynenko, гостинка од Канада, која во BuzzFeed News ги сецира лажните вести и нивната намена.

За отворање на второто издание на ИФФС го избравме истражувачкиот документарец на британскиот Channel 4 “Inside Facebook” што ја обелоденува незаинтересираноста на Фејсбук за ширењето лажни вести и говор на омраза на оваа сеприсутна социјална мрежа.

Водечката фестивалска тема ќе ја погледнеме и од локален агол, на дебата за владиниот пи ар и политичкиот бонтон на социјалните мрежи; како и во поглед на Европа, со тројца исклучителни гости од Германија, кои како искусни истражувачки новинари ја препознаваат разорувачката моќ што наменски пласирани дезинформации може да ја имаат врз јавното мислење и расположение во Европа денес.

За жал, неопходно е да се разговара и за ризиците што ги следат истражувачките новинари. Карло Бонини од италијанска „Ла Република“ и Мат Сарнецки, продуцент од The Organized Crime and Corruption Reporting Project, ќе ги претстават филмовите Daphne и Killing Pavel за трагичните убиства на новинарите Дафне Каруана Галиција и Павел Шеремет, документарци кои покажуваат дека новинарската истрага знае да биде потемелна и понеуморна од полициската, особено кога се трага по убијците на колеги-новинари.

Колку фестивали од ваков вид му помагаат на македонското новинарство и генералната перцепција за него во јавноста?

Како што немаат доверба во институциите, оправдано или не, мислам дека Македонците ја имаат загубено и довербата во новинарството. Новинарството е излишно ако не работи во име на општото добро, во интерес на граѓаните.

Со оглед на тоа што темите што се истражуваат секогаш ја засегаат целата заедница, особено ни е важно ИФФС да биде отворен настан каде сите се добредојдени. Иако е фестивал посветен на истражувачкото новинарство, ИФФС не е наменет само за оние што работат во медиумите, и се надевам дека интересот на публиката ќе ги потсети новинарите дека вреди да се истрае во потрага по вистината.

Инаку, за жал или за среќа, се чини дека медиумската сфера кај нас држи чекор со светот, па лажните вести, ширењето неоснована паника на различни теми, мегафоните за пропаганда што се обидуваат да се прикажат како новинари го заматуваат етерот во Македонија исто како што тоа се случува во држави како САД, Германија, Англија…

Од светлата страна, и кај нас има посветени новинари кои искрено и неуморно работат на истражувања и обелоденувања, како и на етички и конструктивни стории. Токму тоа е и темата на годинешното издание на ИФФС – разликата меѓу потрагата по вистина и собирањето „лајкови“ со лаги.

Последниве години во Македонија има се помалку вистински истражувачки приказни. На што се должи тоа?

Не знам дали истражувачките стории заостануваат по квантитет, но важно е да не загубат на квалитет. Истражувачкото новинарство сепак бара време и посветеност, што не може да се постигне ако очекуваме еден новинар да истражува додека ја исполнува канцелариската норма од 9 до 17h, да лови изјави на пресови и да го полни сајтот со „занимливости“.

Пожелно е да им се овозможи на новинарите да се профилираат и да можат енергијата да ја насочат во усовршување на она што најдобро им оди. Подобрувањето на условите за работа сигурно би биле поттик и за новите генерации кои се двоумат дали да ѝ дадат шанса на оваа професија.

Фото: Different Photography

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во Собранието сè уште не е доставена оставката на Заев

Редакција

Министерство за здравство објави листа на донатори кои помогнале со опрема и финансиски средства за време на корона кризата

Редакција

За 24 часа регистрирани 349 нови случаи на Ковид-19

Редакција