Поднесената кривична пријава против поранешниот директор на Агенцијата за катастар е заснована врз извршена внатрешна ревизија и вонредна контрола на Државниот управен инспекторат и нема врска ниту со референдумот, ниту со политичка хајка, изјави на денешната прес-конференција актуелниот директор на Катастарот, Борис Тунџев.
Тој повикувајќи се прозван од екс-директорот Славче Трпески, појасни дека станува збор за постапка со која незаконски биле унапредени 128 вработени во Агенцијата за катастар надвор од Законот за административни службеници. Поголемиот дел од документацијата во врска со поднесената пријава од страна на Одделот за организирна и сериозен криминал на МВР против поранешниот директор е одземена од полицијата, рече, и ќе биде ставена на увид штом заврши целата постапка.
Тој ги отфрли и обвинувањата против него дека откако стапил на функцијата незаконски унапредил 50 лица. Рече дека од неговото стапување на функцијата не е извршено ниту едно унапредување, а ги отфрли како неточни и обвинувањата дека бил сменет менаџерскиот тим и дека бил растурен ИТ – одделот.
– Има одредени разместувања во Агенцијата за катастар, но се е во интерес на успешното работење и согласно систематизацијатата. Нема ниту еден од менаџерскиот тим кој е сменет. Двајца државни советници, против кои се води постапка, се суспендирани за да не влијаат на постапката, но таа не е поврзана со кривичната пријава за Трпески, рече Тунџев.
Тој како дезинформација и со цел одвлекување на вниманието на јавноста од кривичната пријава ги оцени и наводите на Трпески дека бил распишан нов тендер за иста работа во врска со Адресниот регистар. Појасни дека со новиот тендер треба да се заврши прибирањето адреси за дел од Кисела Вода, бидејќи со првиот тендер од 2016 година распишан за времето на Трпески биле прибрани 7.880 од вкупно 16.621 адреси. Постапката пак, додаде се прави по иста спецификација како и за првиот тендер.
– Оваа институција исклучително ќе се постави на првата линија за воспоставување на овој регистар, затоа што тој е еден од клучните регистри вклучувајќи го и Регистарот на граѓани за водење точна евиденција на сите објекти коишто се изградени на територијата на РМ. Ова ќе биде основа за сите други постапки како што се издавање лични документи, прочистување на Избирачкиот список, бришење двојни објекти и сл., рече Тунџев, додавајќи дека за овој проект се обезбедени средства лични, како и странски донации и пари од европските фондови.
Меѓу другото, нагласи дека иако со доѓањето на чело на институцијата, а согласно владините препораки, ги намалиле цените за некои свои услуги за граѓаните и фирмите за 20 до 90 проценти, не било доведено во прашање финансиското работење на катастарот, туку приходите биле зголемени за 25 отсто.
За седум месеци го намалиле за 5,5 тони трошокот за гориво, а ја отраниле и праксата воведена од претходниот директор за двојно и повеќекратно наплатување по однос на поднесени барања за ист предмет. Додека бројот на заостанати предмети од околу 1100-тина кои ги наследил, го свел на само 19, за кои се воделе постапки во други институции.
Реакција на Славче Трпески, поранешен директор на Агенцијата за катастар
Во врска со денешната прес конференција на Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности би сакал да го искористам загарантираното правото на одговор во јавните медиуми и барам во целот да го објавите мојот демант, регира Славче Трпески, поранешен директор на Агенцијата за катастар.
Ви ја пренесуваме неговата реакција:
“Денес македонската јавност виде еден исплашен директор која само што се сима од авион од едно од многуте туристички патувања за време на неговиот мандат и заедно со комисијата за јавни набавки за тендерот за Адресниот регистар на прес конференција делумно ги призна наводите во вчерашниот мој одговор до медиумите, а за дел бесрамно ја лажеше македонската јавност.
Во однос на реченото на прес конференцијата дека Кривичната пријава била врз основа на наод од Внатрешната ревизија, мора да укажам на член 34 став 2 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, кој предвидува дека Раководителот на единицата за внатрешна ревизија дава мислења за внатрешните правила и акти на субјектот од јавниот сектор во врска со прашања поврзани со внатрешната финансиска контрола и внатрешната ревизија пред овие правила и акти да влезат во сила, а со оглед дека Актот за Систематизација е донесен во 2015 година додека Решенијата за распоредување во 2016 година, јасно е дека е во прашање или мобинг или слепа партиска послушност.
Во однос на реченото дека Кривичната пријава била поднесена и врз наод од Државниот управен инспекторат, доколку истиот е изработен стручно и професионално требаше истиот да биде доставен и до мене како би можел да се произнесам како по однос на Записникот кој претпоставувам го има, така и по евентуално Решение кое е законска обврска, вака кога директорот на Државниот управен инспекторат го именува Владата на Република Македонија нашиот народ има една поговорка „Кадија те тужи Кадија те суди“.
Доставете ми го Записникот и Решението па да видиме дали напишаното во истиот ќе ја издржи судската постапка што би ја покренал против истите.
Во однос на унапредувањата кои се направени во периодот додека е директор, ги повикувам медиумите да проверат кои биле раководители на подрачните 29 одделенија на катастарот во Републиката пред именувањето а кои се денес (сите се сменети освен Гостивар каде што има двајца раководители), кој е раководител на Центарот за катастар на недвижности Скопје тогаш а кој денес, како и кои се раководителите на сектори и одделенија во Генералната дирекција тогаш и кои се денес. Повеќе од 50 ќе бидат!!!
Срмано е да се лаже македонската јавност за работи кои можат да се проверат на веб страната на Агенцијата за катастар!!!
Во однос на ИТ Секторот, кога државниот советник за ИТ е суспендиран, кога раководителот на Сектор поради мобинг го напуштил катастарот, кога двајца раководители на одделенија исто поради мобинг си заминале од катастарот кога други ИТ лица од ИТ секторот се распоредени во други Сектори и одделенија а сите преостанати секојдневно бараат работа надвор од институцијата, најсовесно укажувам дека Електронскиот катастар го доведен во прашање а со тоа и сопственоста на сите граѓани и правни лица во Републиката.
Во однос на актуелниот тендер за Адресен регистар, бидејќи цела комисија била на прес конференција, директорот заедно со комисијата до органите на прогонот по поднесена кривична пријава од моја страна ќе треба да објаснат кој е законскиот основ за распишување на овој тендер кога законот за Адресен регистер сеуште не е донесен, претходниот тендер на кој се повикува директорот е пилот проект одобрен од Владата на Република Македонија, каде во тендерската документација е наведено дека се бара теренско снимање за дел од Кисела Вода кога во тендерската документација е наведена цела општина Кисела вода, колку Фирми во Републиката имаат “ARCGIS WINDOWS10 лиценца без притоа да се наведе дека и еквивалент на неа би го исполниле условот, нешто што го имаше во минатиот пилот проект, но не и сега, како и за други прашања.
Во однос на ослободувањето од плаќање на правни и физички лица при повторно поднесување на барања во катастарот, директорот на катастарот јавно го призна кривичното дело односно штетата која до ден денес се нанесува на Буџетот, бидејќи измените на законот за катастар на недвижности, со кои сака да се покрие ова дело сеуште не се донесени од Собранието на Република Македонија, па и за ова дело ќе биде поднесена кривична пријава.
Почитуваниот директор денес не произнесувајќи се по мојот навод дека истовремено додека е директор извршувал и функција судски вештак призна уште една злоупотреба на службената положба и овластување, за што исто така ќе биде поднесена кривична пријава.
Како со оштетувањето на Буџетот така и овде преку Автентично толкување на Законот за катастар на недвижности, кое треба да го донесе Собранието, сака да го покрие ова незаконито постапување.
Во однос на бензинот и бројот на заостанати предмети, би рекол само, кога има драматичен пад на градежништвото кое е директно поврзано со предметите (издавање податоци и уписите во катастарот), кога запрена е легализацијата на дивоградбите, кога запрена е приватизацијата на дворни места, кога за 15 месеци нема ниту еден нов проект во катастарот, тогаш право пропорционално на обемот на работа се и потрошениот бензин и заостанати предмети„.
МИА/Фото: ТВ Нова
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ