На денешното рочиште за убиството и грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, во Кривичниот суд Скопје, Јавното обвинителство презентираше видео записи од камерите на Сејф сити и комерцијални објекти за движењето на возилата „цитроен“ и “рено кангу“ на денот на грабнувањето на Ѓорчевска, 27. ноември 2023 година.
Обвинителството повикувајќи се на една од снимките тврди дека првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо го возел „реното кангу“ на денот на грабнувањето на Ѓорчевска. Совозач, според Обвинителството му бил обвинетиот Велибор Манев.
Одбраната на Палевски пак посочи дека се гледаат силуети и побара ДНК анализа.
Палевски, исто така реагираше и дека во обвинението пишува дека Ѓорчевска е убиена околу 9 и 30 часот, а презентираните видеа од пречистителна станица и движењата на возилата од Обвинителството не одговарале со тоа време.
„Цитроенот“ со кој пак е грабната Ѓорчевска во скопско Дебар Маало пред хотелот Парк пристигнал во 6:37 часот, а девојчето е грабнато во 7:29 часот.
Двете возила, според Обвинителството во 7:49 часот се гледаат како се движат низ Визбегово кон селото Бразда, каде “цитроенот“, според Обвинителство е запален околу 9:30 часот.
Потоа возилото “реното кангу“ само се враќа назад, низ Чаир и во 10:00 часот се паркира пред седиштето на партијата Десна, посочија од Обвинителството.
Денеска беа презентирани и видео записи од денот на убиството на Жежовски, 22. ноември 2023 година, на кои според Обвинителството се гледа најпрво само возилто “рено кангу“, а подоцна двете возила најпрво реното, а 40 секунди по него и цитроенот.
Беа презентирани и пет цедиња со фотографии од куќата на Жежовски, чаурата која е пронајдена на местото каде бил закопан и слики од пронајденото тело.
Неколку членови на партијата Десна, пред почетокот на денешното рочиште пред Судот протестираа со транспаренти “ОЈО произведува монструми, не ПП Десна”.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Судењето треба да продолжи на 7. февруари, за кога е повикан и сведокот Гоце Трајковски, кој се наоѓа во притвор во затворот Скопје за предизвикување пожар во кафуле во скопска Кисела Вода.