еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Најновите достигнувања во естетската медицина, презентирани на симпозиум во Скопје

Во организација на Здружението за естетска медицина (ЗЕМ) по шести пат во Скопје се одржa Симпозиум за естетска медицина, со меѓународно учество.

Овој значаен настан обедини реномирани експерти, доктори, дерматовенеролози, пластични хирурзи и професионалци од областа на естетската медицина од земјата и регионот, кои разменија знаење, презентација на најновите трендови и напредни технологии во оваа медицинска дисциплина.

Програмата на Симпозиумот се фокусираше на најновите достигнувања во нехируршките естетски третмани, нови техники во примената на инјекциски терапии и материјали, како и напредни методи во ласерските и енергетски базираните процедури.

Топ тема беа и стандардите за безбедност и квалитет во естетската медицина, како и со регулаторните аспекти кои ја засегаат оваа област. Водечки експерти од земјава и надвор одржаа предавања и споделија најнови научни сознанија и искуства.

На специјализирани работилници учесниците имаа можност практично да се запознаат со новите техники и процедури.

„Ваквиот начин на споделување на знаење и искуства на професионалците во делот на естетската медицина во земјата и регионот, е од исклучително значење за развојот и унапредувањето на оваа медицинска гранка која е во подем и е релативно нова.

Особено е важна нејзината етичка примена, а повеќе од тоа е важна нејзината стручна апликација. Во тој правец Министерството за здравство е особено заинтересирано за понатамошна соработка во сите сегменти,“ изјави заменик министерот за здравство Јовица Андовски на отварањето на Симпозиумот.

Претседателот на Здружението за естетска медицина, Игор Пеев изјави дека Симпозиумот е од исклучителна важност за професионален развој и размена на знаење меѓу експертите во естетската медицина.

„Нашата цел е да обезбедиме платформа за најновите научни и практични достигнувања, кои ќе помогнат во подигнување на стандардите во областа и подобрување на квалитетот на третманите за пациентите,“ додаде Пеев.

Покрај стручната едукација, Здружението за естетска медицина (ЗЕМ), заедно со Здружението на дерматовенеролози и Македонската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи, поднесува иницијатива за измена и дополнување на Законот за здравствена дејност.

Иницијативата, доставена до Министерството за здравство и Комисијата за здравство при Собранието има за цел да ограничи можноста за извршување на естетски медицински интервенции од лица без медицинска квалификација. Ова ќе доведе до повисоки стандарди за безбедност и квалитет во областа, заштитувајќи ги пациентите од несоодветно изведени процедури.

Дополнително, иницијативата предлага и измена на Законот за јавно здравје, со цел да се надмине неговата застареност и недореченост. Посебно се нагласува потребата за ревизија на член 33, кој моментално ги изедначува медицинските естетски интервенции со немедицински процедури, како тетоважи и пирсинг.

Оваа правна недореченост овозможува несоодветна примена на законот и го загрозува здравјето на пациентите.

Здружението за естетска медицина ги повикува сите релевантни институции, медицински професионалци и медиуми да ја поддржат оваа иницијатива, со цел унапредување на јавното здравје и зголемување на професионалните стандарди во естетската медицина.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Внимавајте кој ви вбризгува боткс и филери, и во какви услови – последиците се сериозни

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пак поскапуваат дел од горивата  

Редакција

Во Германија целосно изгоре автобус на македонската компанија „Метак транс“, сопствениците се сомневаат дека пожарот бил подметнат

Редакција

Лекции од Гевгелија и Кавадарци за локален развој

Редакција