еМагазин
Image default
Локално ТОП СТОРИИ

Денеска во Штип се освети храм посветен на Св. Иларион Мегленски и Св. Нектариј Егински – голем чудотворец и исцелител на болните од рак

Денеска во Штип се освети храм посветен на двајца светители Св. Иларион Мегленски и Св. Нектариј Егински.

Чинот на осветувањето го предводеше Митрополит Брегалнички, Иларион со свештенослужители од Брегалничката епархија.

„Бог посака на ова место, иако подолго време се градеше овој храм, токму на овој пасхален ден, во ден на радоста да се освети посветен на светиот преподобен Иларион Мегленски, светител од нашиот род.

Светител кој што беше измолен од Бога од неговите родители кои што беа бездетни и Господ Бог им го подари во староста. Се роди во 1.134 година. Тој кога проговори како дете првите зборови му беа ангелските зборови свјат, свјат, свјат Господ Саваот, таа песна која што ангелите ја пеат на небото. Се замонаши, потоа стана Епископ.

Како Епископ на Црквата Христова како и многуте отци на Црквата учители во Господа го ширеше правословието и учењето на светата Источна Црква, а воедно и храбро се бореше против богомилите и не даваше да се оскверни учењето на Црквата Христова светотаинско, светоотечко, апостолско, односно онака како што светите отци го утврдија на светите вселенски собори.

Црквата е посветена и на големиот светител и чудотворец на Св.Нектариј Егински. Светителот оди таму каде што сака, посака да биде тука со нас, помеѓу нас, да не охрабри, да не осили, да ни даде сила но и претходно да се моли пред Бога воскреснатиот за здравје и спасение на сите нас.

Утрово ја донесовме иконата која што ја насликаа монахињите во Егина и беше стоена покрај неговите свети мошти и таму осветена за сите нас да не осветува и просветлува.

За светиот Нектариј Егински има безброј и безброј чудеса, кои како што велат отците од Црквата и сведоците на неговите чудеса, повеќе се од ѕвезди на небото и капки во морето.

Секојдневно, не само кај неговите свети мошти во Егина, туку и насекаде каде што се неговите свети икони, секаде каде што е замолуван и повикуван да помогне и помага, дава исцеление на многу болни.

Најчесто и најмногу помага на болните од рак и на оние кои се психички болни, но помага за секаква болест и е голем чудотворец. Почитуван е не само од православните туку од сите луѓе во светот, бидејќи на сите ја покажува својата милост и својата вековитост.

Тој е роден во 1846 година, а се упокоил како Епископ во 1920 година. Црквата го прогласила за светител иако претходно бил прогонуван заради неговата смиреност, чесност и побожност, заради неговите дела од завист и љубомора. Но при канонизацијата се извинила и Црквата и клирот, бидејќи неправедно бил прогонуван.

Овој светител Божји е жив и денеска е тука со нас, и денеска му благодариме што посака да дојде токму во градот Штип, во нашата татковина Македонија, во Брегалничката епархија.

Секојпат кога ќе имаме мака и тага, секојпат кога ќе бидеме притиснати од некакви болести, доаѓајќи овде пред неговата икона ќе бараме исцеление, помош, заштита.

Ние посебно му благодариме што ете тој посака да дојде тука во градот Штип, да биде меѓу нас утешувајќи не и охрабрувајќи не.

Овој светител Божји кај год да бил во светот каде и да е неговата света икона, неговите мошти се свети и чудотворни. По Божја волја и негов благослов, Бог посака да донесеме и свето масло од кај неговите свети мошти кое се осветило со неговите свети мошти и со тоа свето масло да ги запалиме сите кандила.

Кога се радуваме за Христа воскреснатиот, се радуваме и за оваа нова духовна рожба за овој свет храм,“ рече Митрополит Иларион.

Тој се заблагодари на штипскиот градоначалник кој помогнал да се дозаврши овој храм и денес да се освети, како и на неговите духовни чеда од од Шведска, Томас и Мари, кои ги даруваа иконостасот, целивалната и певницата.

Во црквата посветена на Св. Иларион Мегленски и Св. Нектариј Егински, секоја недела ќе се служи света Литургија, ќе се чита Акатист, кон Св.Нектариј Егински и ќе се помазува со неговото свето масло.

Фото: еМагазин.мк

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Macedonia the GReat“ колективна трговска ознака за производите од грчката област Македонија

Редакција

Девет лица приведени за дрога, помеѓу нив и полицаец

Редакција

Граѓанските организации со 18 прашања до политичките партии

Редакција