еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

(Галерија) Еден од најпознатите Инстаграм-профили за промоција на Шведска е креиран од Македонец, денес за него работат и Швеѓани

Еден од најпознатите Инстаграм-профили во Шведска (igsweden) кој ја промовира убавината на оваа држава, е креиран од страна на Самуел Наумовски Вицкиус (21), Македонец по мајка, кој е роден и живее во Шведска.

Самуел профилот го креирал пред седум години, на 14-годишна возраст. Денес, igsweden има околу 75.500 следбеници и објавени се 2.160 преубави фотографии кои ја претставуваат специфичноста на Шведска.

Самуел во средно училиште учел програмирање и во рамки на проект, изработувал веб-страници за фирми, за што и добил државна награда за млад претприемач.

Потоа, го креирал Инстаграм-профилот (igsweden).

„Имав идеја луѓето на овој профил да ставаат свои фотографии под еден таг, кои потоа igsweden ќе ги споделува на тој профил. Со тек на време, се зголемуваше бројот на фотографии и на следбеници. А, тоа одземаше повеќе време за работа, а беа потребни и повеќе луѓе. Сега во моментов се шестмина администратори“, вели Самуел за „еМагазин“.

Администраторите кои работат на Инстаграм-профилот се од Шведска, а помеѓу нив е и 14-годишниот Марко, брат на Самуел.

„Објавуваме по една фотографија на ден, но внимателно ги одбираме. Фотографии ни испраќаат професионални фотографи, па дури се чека и ред за објавување“, ни раскажува Марко.

Според „фид-бекот“ од следбениците, тој вели дека профилот е доста посетен од страна на туристи, кои се информираат за тоа, кои убави места да ги посетат во Шведска.

Интересно за Самуел е што е и професионален спортист, односно хокејар и настапува за македонската репрезентација во хокеј, па оттука и често доаѓа во Македонија.

Неговата мајка Марина Наумовска девет години работела како новинарка во Македонската ради-телевизија и на 27-годишна возраст се преселила во Шведска, каде што, неколку години продолжила со новинарството во Шведската национална телевизија, а работела и за шведски весник.

„Имав баба во Шведска и често доаѓав тука. Па затоа на 27 години решив да се преселам. По неколку години работа во новинарството, ја напуштив професијата. Работев како извршител, а потоа се вработив во Управата за јавни приходи. Таму, два мандати работев како директор“, вели Наумовска и додава дека сака што повеќе време да има за себе но и за нејзините четири сина.

Освен на Самуел и Марко, таа е мајка и на Стефан (13) и Даниел (8). Во Македонија доаѓа често, бидејќи како што вели, повремено ја фаќа носталгија за родната земја.

Во Шведска, семејството живее во Јочопинг, град кој се наоѓа помеѓу Стокхолм и Гетеборг.

Освен убавините на Шведска, овие млади момчиња размислуваат и за промоција на Македонија на Инстаграм.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Дел од пратениците за гласање на недоверба на Владата се злоупотребени и не се информирани со кои други партии имаат „заедничка цел“, велат од СДСМ

Редакција

Распродажба во УЈП: Запленети возила и машини по багателни цени

Редакција

Една и пол година затвор за поранешниот началник во УБК Горан Грујевски, кој е во бегство

Редакција