Грчката полиција, со помош на полициското куче Хани, на грчката страна од граничниот премин Богородица (Евзони) во петокот напладне, уапсила 36-годишен странски државјанин кој во Грција се обидел да внесе 32 килограми и 766 грама канабис, а според информациите на дописничката на МИА од Атина, станува збор за македонски државјанин.
Како што соопштија од грчката полиција на прес-конференција во Солун, дрогата била рачно спакувана во 61 пакет, скриени во внатрешниот и во надворешниот дел на автомобилот, а полициската акција била организирана по добиени информации.
-При темелна контрола на возилото, со помош на полициско куче, во браникот на возилото и во внатрешноста, во командната табла беа откриени вкупно 61 рачно спакувани пакети со 32 килограми и 766 грама канабис што беа одземени. Триесет и шестгодишникот беше изведен пред истражен судија во Кукуш и му беше одредена привремена мерка притвор, рече на вчерашната прес-конференција во Солун, Петрос Танос, шефот на канцеларијата за информации и односи со јавност на Главната полициска дирекција Централна Македонија.
Од грчката полиција на нивните официјални Твитер и Фејсбук профили јавно му се заблагодарија на полициското куче Хани за неговата „драгоцена помош“ за откриената дрога во конкретниот случај.
Хани е белгиски овчар, специјализиран за откривање на дрога. Има 10 години, а од две годишна возраст е во грчката полиција.
МИА