Утврдено присуство и на цијанид кај загинатите во „Пулс“, но не бил доминантен фактор за смрт, кажа директорот на Судска медицина

На денешното рочиште за пожарот во т.н. дискотека “Пулс“ во Кочани сведочеше и директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков.

Тој меѓу друго како сведок на Основното јавно обвинителство, кажа и дека кај 33 лица кои загинале во пожарот било утврдено присуство на водороден цијанид, но тоа според него било дополнителен, а не доминантен фактор за смрт.

Потврди и дека количина до 0.6 микрограми на милилитар водороден цијанид е вообичаено за пушачи и лица кои живеат во позагадена средина, а кажа и дека теоретски не може да го отфрли влијанието на алкохолот при расудувањето за излегување од објектот, но и дека многу други фактори влијаеле за тоа.

Рече и дека и покрај тоа што кај неколку лица било утврдено присуство на алкохол и психотропни суптанци, тие не биле причина за нивната смрт.

Објасни и дека теоретски водородниот цијанид, во „Пулс“ можел да се ослободи од звучната изолација.

Кажа и дека кај 59 од загинатите смртта настапила како резултат на труење со јаглерод моноксид, амбиентален недостаток на воздух и компресивна асфиксија, односно поради недостаток на воздух од притисок на градите и стомакот и термичко оштетување на дишните органи.

Како дополнителни фактори ги посочи и чадот, жешкиот воздух и стампедото што настанало по пожарот, посочувајќи дека според податоци од други институции, при пожарот во „Пулс“ температурата достигнала и до 700 Целзиусови степени, приближно до таа што се постигнува во крематориум.

Четири лица пак, кои починаа во болници во странство и во земјава, според него, починале, како последица на изгорениците и оштетувања на белите дробови.

Судењето продолжува на 6. мај.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Полицајци не помагале на повредените: Прочитани исказите на двајца сведоци, кои не дојдоа да сведочат за пожарот во „Пулс“

Одбиено барањето за укинување на притворот за Хаџиу и братот на газда Деко

Фото: Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести