Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска од Гостивар изрази надеж дека до крајот на оваа или почеток на наредната недела Гостивар ќе има техничка вода, а до крајот на наредната недела и вода за пиење.
Емилија Аневска од ЈП „Водовод и канализација“ рече дека е започнато хлорирање со повисока доза на хлор којашто е согласно Правилникот за безбедност на вода за пиење предвидено во вакви кризни состојби, со концентрација којашто е малку повисока од вообичаената, но е секако безбедна.
„Ние како претпријатие и како лабораторија којашто е акредитирана ќе продолжиме во текот на следните денови континуирано да земаме примероци од истите локации со цел да имаме увид како ќе се одвиваат и какви ќе бидат резултатите. Сè дури не констатираме дека водата ќе биде исправна за пиење, ќе го продолжиме со истиот процес. Оној момент кога водата ќе биде санитарно и безбедна за пиење, ќе биде известен Кризниот штаб“, изјави Аневска.
Таа додаде дека пред два дена биле земени 9 примероци, од кои три се примероци се од каптажите со цел да видат со каков ресурс располага Општина Гостивар.
Шест од примероците кои што се земени низ локации во Општина Гостивар се хемиски неисправни, има отстапување во однос на резидуалниот хлор, додека кај сите е забележано и отстапување во микробиолошката неисправност.
Фото/Unsplash














