(Фото) Шерпите кои загинаа во лавина на Broad Pick беа водичи на Кедев-Oгромна загуба за нивните семејства и за сите нас кои споделувавме фасцинантни моменти со нив, вели тој

Планинарската заедница ја потресе веста за огромната лавина која се случи на Broad Peack, во која загинаа шерпите кои ја сменија историјата на хималајскиот алпинизам. Сите оние на кои планината им е пасија, а искачувањето на врв над 8.000 метри надморска височина само (не)достижен сон, не можеа да останат рамнодушни на загинувањето на една нова генерација шерпи Nirmal Purja Nimsdai, Kili Pemba Sherpa Kilu, Nima Sherpa, Nawang Thindu Sherpa, Gyalu Sherpa. Тие поставија нови стандарди во искачувањето на врвовите на Хималаите, покажаа исклучителна подготвеност, посебен однос кон алпинизмот и почит кон планината. За нив, искачувањето на осумилјадарки беше начин на живот, посветеност кон клиентите, раскажување на поинаква непалска приказна, слеаност со сите опасности, и подготвеност дека со секоја нова тура смртта виси над глава.

Нимс беше синоним на храброст, сила, истрајност, рекордер во искачувањето на врвовите над 8.000. За шест месеци и шест дена ги искачи сите 14 врва повисоки од 8.000 метри во рамки на проектот „Project Possible“, прв кој К2 го има искачено во зима, елитен војник во англиската војска, инспирација за документарниот филм „14 Peacks Nothing is Impossible“, на Нетфликс.

Иако, овие шерпи се далеку од нас, и нивната смрт навидум се вбројува во уште една планинарска несреќа, сепак не е така. Тие се заслужни за постигнувањето на еден огромен национален успех. Имено, личните достигнувања на доктор Сашко Кедев во искачувањето на сите 14 врва повисоки од 8.000 метри, а потоа и впишувањето на Македонија во историјата на мапата на хималајскиот алпинизам, се должи токму на водството, на дел од шерпите кои загинаа во оваа несреќа.

Кедев, кој и самиот го има искачено врвот каде што се случи оваа несреќа, веста ја примил на пат за Делхи, Индија. Во ексклузивен разговор за еМагазин.мк вели дека цело време го следел текот на експедициите и приближно знаел каде се наоѓаат.

„После успешното искачување на Gasherbrum II знаев дека Kilu и Wang ќе одат на Broad Peak,“ вели Кедев кој со Nims, Kilu и Wang поминал повеќе од половина од експедициите.

„Заедно бевме на повеќе од половина од моите експедиции. Со Kilu бевме на неколку од најтешките искачувања (Annapurna, Kanchenjunga, Shishapangma, Makalu…) и на онаа, т.нр. пионерска експедиција на Манаслу во 2021 година кога беше поставена сосема нова рута и за прв пат после повеќе децении беше искачен вистинскиот врв на планината. Тој важеше за еден од најискусните и најподготвените шерпаси, а со своето присуство влеваше голема доверба и чувство на сигурност кај сите што беа со него. Заедно со Mingma G и Nims, Килу беше еден од клучните шерпаси во првото зимско искачување на К2.

Со Nims и неговиот тим поминавме низ повеќе заеднички искачувања, споделувајќи искуства на планината и во базните кампови, но и лично пријателство што засекогаш ќе ми остане како едно од најдрагите спомени.

Со Wang, со кој бев во редовна пријателска комуникација од почетокот на нашето познанство па сѐ до неговите последни денови, најчесто го делевме шаторот на високите кампови,“ вели Кедев.                                         

Иако во првите часови од несреќата сигналите од GPS на Нимс даваа одредени движења, Кедев објаснува дека „од првиот момент според GPS податоците за пад од над 800 вертикални метри, шансите за преживување се многу мали.“ Опасноста од вакви трагедии секогаш виси, и човек е свесен дека оди во смрт сепак, може ли целосно да се биде спремен на ваква загуба?

„Во текот на целото искачување и спуштање од врвот, ризиците се постојано присутни и нивниот интензитет варира во зависност од условите и околностите. Никој не може да биде подготвен да се соочи со вакви трагедии. Тие доаѓаат ненадејно, неочекувано и изгледаат толку нереално што тешко е да се прифатат,“ додава Кедев потенцирајќи дека станува збор за огромна загуба пред се за нивните семејства, но и за сите нив кои имале можност заеднички да споделуваат фасцинантни моменти, но и незаборавни и болни разочарувања.

„Nims го редефинираше и трансформираше екстремното искачување на големите височини. Тој постојано ги поместуваше границите на она што човечкото тело е способно. Покажа дека со голема посветеност, самодисциплина и упорност ништо не е невозможно. Неговата посветеност кон промовирање и афирмирање на придонесот на шерпа водичите, ја подигнаа свеста за важноста и значењето на целокупната непалска планинарска заедница. И тоа е едно од неговите трајни наследства,“ додава нашиот соговорник.

Интересно е што, во едно од своите ингтервјуа, од безбројните опасности Нимс зборува токму за лавината, веројатно затоа што е нешто што не може да се предвиди. Кобниот ден е сончев, без ветер, навидум се е мирно, и одеднаш планината се руши врз вас. Се поставува прашањето, дали со климатските промени, ризикот од лавини станува уште поголем.

„Лавините отсекогаш биле еден од најопасните ризици на големите планини. За жал најчесто непредвидливи. Кобната лавина на Broad Peak се случи помеѓу кампот 2 и 3 на висина од околу 6.500м. Добро се сеќавам и го познавам тој предел при моето искачување на Broad Peak во јули 2022. Тогаш главниот ризик на денот на искачувањето на врвот беше новиот снежен нанос од околу пола метар и ризикот од лавини во последната фаза пред самиот врв. Климатските промени секако имаат влијание, посебно во однос на поголемиот ризик од карпести одрони,“ додава тој.

Кедев ги искачи сите 14 врвови над 8.000 мнм, за среќа пред да се случи оваа трагедија. Се наметна прашањето, дали доколку оваа несреќа се случеше пред да ја оствари целта, ќе продолжеше во својата намера.

„Не верувам, бидејќи 2023 година, во заедничка експедиција со Mingma G и Nims, имавме неуспех пред врвот на Shishapangma. Во две одвоени лавини загинаа 4 члена од експедицијата и го прекинавме искачувањето. Се вративме следната година и тогаш се качивме со модифициран пристап преку стрмниот гребен на вистинскиот врв,“ додава тој.

Оваа трагедија потесети дека и најспремните и најдобрите се немоќни против природата.

„Планината секогаш го има последниот збор. Ние сме само еден мал, но сепак неразделен дел од природата. Ваквите настани на моќен начин нè потсетуваат на непостојаноста и минливоста на животот, но и на непрекинатиот тек низ кој природата и животот продолжуваат,“ потенцира тој.

Имајќи предвид дека целта 14х8.000 е остварена, за идните предизвици вели:

„Последната говорна порака што ми ја испрати Nims беше честитка за официјалното верификување на мојот планинарски подвиг „Grand Double“ – искачување на сите 14 врвови повисоки од 8.000 метри и највисоките врвови на сите седум континенти како највозрасен планинар во светот што го постигнал ова достигнување.

Засега немам нов предизвик повторно да одам на големите планини над 8.000 метри бидејќи тој круг е затворен. Искуствата и сеќавањата се незаборавни и трансформативни. Инаку, пред десетина дена се вратив од Алпите, после искачувањето на Tashhorn (4091m) еден од алпинистичките врвови кој ми недостасуваше.“

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Промовирана поштенска марка „Кедев – 14 највисоки врвови“

Кедев испиша историја: Единствениот во регионот кој ги искачи сите 14 врвови во светот, повисоки од 8.000 метри надморска височина

Искачувањето на 14 врва го сметам за национален успех, мотив ми беше да го однесам македонско знаме, а посебно македонското име на сите врвови, рече Кедев на примањето на Орден „8 Септември“

Фото/Приватна архива

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести