еМагазин
Image default
Македонија

Судење за „27 април„: Обвинетиот Пешов вели дека МВР немала план за справување доколку толпата влезе во Собранието

За протестите пред Собранието во рамки на МВР биле разгледувани две сценарија, едно доколку полицијата се соочи со две спротивставени групи и друго ако има една хомогена група, но не и план за справување доколку толпата народ влезе во Собранието, изјави обвинетиот Митко Пешов, кој на 27 април 2017 година бил началник на одделот за специјални операции.

Пешов, кажа дека за 27 април биле побарани два вода, што во бројка е околу 50 луѓе, во зависност од пополнетоста на водовите, и оти согласно барањето тие биле упатени пред Собранието.

За тензиите пред Собранието, кажа дека првпат бил информиран по телефон од Спиро Бошковски околу 19 часот, кога веќе бил стигнат дома во Кавадарци. Посочи дека на пат за Скопје, возел сам и постојано примал и пренесувал насоки, како и дека од негова страна биле информирани помошникот Митревски и началникот на ЦПС и директорот на БјБ.

– Околу 19.10 ми се јави и заменик министерот Нухиу и ме праша дали сум во тек со ситуацијата пред Собранието. Го информирав дека имаме 50-тина луѓе распоредено и дека веќе имаме дадено насоки, рече Пешов.

На прашање од Александар Василевски Нинџа, дали полициската акција во Собранието била задоцнета, обвинетиот Пешов, рече дека со оглед на информациите со кои располагал во тој момент постапувал согласно своите знаења и можности.

– Можеби од оваа временска дистанца сум можел повеќе и подобро да направам, но повторувам дека во тоа време постапував и носев одлуки согласно информациите со кои располагав тогаш, рече Пешов.

Одговарајќи на прашање за двете сценарија, Пешов, кажа дека планот предвидувал и „ден Д“, што како што објасни би бил денот кога ќе се избира претседател во Собранието или Влада, но и дека за истиот требало да бидат формално или навремено информирани за да може благовремено да се подготват.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена и треба да продолжи по еден месец.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Адвокатот на Јанакиески обвинува дека лица се приведуваат по налог на власта

Редакција

Расте бројот на здравствени работници со коронавирусот, 16 се заразиле во болница

Редакција

(ВИДЕО) Груевски не му одговори на унгарски новинар од што живее во Будмипешта и дали се видел со Орбан

Редакција