еМагазин
Image default
Локално

Пожари на „секој чекор“ во државата, има повредени

Веќе неколку дена откако се зголемија дневните температури во земјава има зачестена појава на пожари. Само во текот на вчерашниот ден во билтенот на МВР се регистрирани три пожари.

На 10.03.2019 околу 14.20 часот во СВР Штип било пријавено дека на место викано „Амушкови чешми“, атар на Пехчево, настанал пожар пред викендицата во која престојувала К.М. од Пехчево.

Според пријавеното, таа запалила сува трева и смет, а поради временските услови пожарот се проширил и ја зафатил викендицата, а зафатил и поголема површина со борова шума. Притоа, К.М. се здобила со повреда на левата рака и и била укажана лекарска помош. Пожарот бил локализиран од екипа на Територијалната против пожарна единица Берово, екипа од Шумско стопанство „Равна река“, екипа од Дирекцијата за заштита и спасување и други лица кои се затекнале на местото. Извршен бил увид на местото.

На 10.03.2019 во 17.00 часот во СВР Штип било пријавено дека настанал пожар во село Град, делчевско, на место викано „Чука“. Од пожарот била зафатена нива од околу 10 декари со сува трева и 1 декар насад со модри сливи. Од страна на месното население и Територијалната противпожарна единица Делчево пожарот бил целосно изгаснат.

На 10.03.2019 околу 16.00 часот во СВР Тетово било пријавено дека на локалниот пат Тетово-село Гермо настанал пожар, кој се проширил во дворното место на И.С.(37) и ја зафатил шталата и друг објект.

Според пријавеното, пожарот го забележал И.З.(68) од Тетово, кој се обидел да го изгасне при што се здобил со повреди. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Тетово. Извршен бил увид.

Пожарите што викендов беа активни на територијата на Општина Делчево, кај месноста Попов Мост и во атарот кај село Тработивиште, го вклучија алармот за вонредно активирање на системот за управување со кризи на територијата на општината.

Согласно со насоките дадени од 11. седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи свикан е итен состанок на Локалниот координативен штаб, при што ќе бидат согледани актуелните состојби со пожарите, како и подготвеноста за ставање во функција на сите персонални, материјално-технички и оперативни ресурси во Општина Делчево.

Како што истакна Кире Цоневски, соработник за превенција за заштита и спасување во Општина Делчево, последните два големи пожари придонесоа вонредно да се активираат мерките од системот за справување со пожари на отворено и шумски пожари.

„Очекуваме од состанокот да произлезат конкретни мерки, насоки и активности за превентивно делување на терен, а со цел спречување на евентуална појава на нови пожари. Сакам да истакнам дека март не е карактеристичен за појава на оваа елементарна појава, затоа мора сите поединечно и институционално да го дадеме својот придонес, за да превенираме големи материјални и еколошки последици.

Во таа смисла Општина Делчево апелира до граѓаните да не палат оган на отворено, посебно стрништа со напомена дека согласно казнените одредби за сторителите предвидени во законите кои ја третираат оваа проблематика, казните се огромни“, рече Цоневски.

Пожарите кои викендов беснееја во делчевско зафатија околу 50 хектари површина при што изгоре борова шума, овошни насади, багрем, нискостеблеста деградирана шума која е во приватна, но и државна сопственост.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Почина возач на „БМВ“ кој излетал од автопатот Гостивар-Тетово

Редакција

Жител на Бутел пријавил дека му фрлиле бомба во дворот

Редакција

Преку храна сакале да прошверцуваат марихуана во Затворот Струмица

Редакција