Новите генерации во двете земји и во регионот да се едуцираат во духот на европските вредности на солидарност, доверба и меѓусебна соработка, потврдија одлучна заложба делегациите од земјава и на Грција на Вториот состанок на Заедничкиот интердициплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, оформен согласно Преспанскиот договор.
Како што соопштија од Министерството за надворешни работи, делегациите на заедничкиот Комитет имале суштинска дебата и усвоиле интензивен работен план за постигнувањето на заеднички прифатените решенија, врз основа на принципите и целите на УНЕСКО и Советот на Европа за оваа материја.
„Работејќи во колегијална и конструктивна атмосфера, двете делегации особено внимание посветија на прашањето за наставните програми и учебниците што се во употреба и договорија нивно усогласување согласно духот и словото на Преспанскиот договор“, соопшти МНР.
На Вториот состанок е потврдена одлучната заложба на членовите на Заедничкиот комитет, новите генерации во двете земји и во регионот да се едуцираат во духот на европските вредности на солидарност, доверба и меѓусебна соработка.
Делегациите одлучиле следниот состанок на Заедничкиот Комитет да се одржи во Атина на 12 и 13 април оваа година, на кој што се очекува работата од вториот состанок да биде надградена и унапредена, а со цел да се формулираат препораките за идно одобрување од страна на Советот за соработка на високо ниво.