Во периодот јануари – февруари 2019 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, нашата земја најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Изразено во евра, вкупната вредност на извозот на стоки во периодот јануари – февруари 2019 година, изнесува 944 милиони евра и бележи пораст од 6.9 % во однос на истиот период од претходната година.
Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 1,2 милијарди евра, што е за 9.4 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – февруари 2019 година, изнесува 301 милиони евра.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – февруари 2019 година, изнесува 75.8 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).
Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.