Апсењето на контроверзниот основач на Викиликс, Џулијан Асанж кој на светот му ги отвори очите за тајната дипломатија не навраќа на документите што беа објавени за нашата земја, за македонските политичари, а пред се во однос на преговорите за промена на името.
Според Викиликс, поранешниот американски амбасадор во Скопје, Филип Рекер, испратил извештај од 5. ноември 2008 година, насловен како „Македонија: Поранешниот претседател Глигоров повика на храбрo лидерство и решение за името”, објави Викиликс.
Во него, Киро Глигоров наведува дека е за компромис за прашањето за името, но „црвената линија” е да се обезбеди дека јазикот и идентитетот да се нарекуваат „македонски”.
Во извештајот на Рикер, според Викиликс, се вели дека Глигоров изразил разочараност поради недостигот на храбро политичко водство на актуелната влада, недостаток што тој го смета за основен за затворање на договорот за името.
Тој смета дека со ефикасно раководство Македонците можат да прифатат компромис за името, нагласувајќи дека црвените линии се само епитет што ќе го опише јазикот и идентитетот, нагласува Рикер во извештајот.
„Глигоров, исто така, рече дека Македонија мора да сфати дека не е центар на политичкиот универзум за САД, ЕУ и НАТО и мора да ги препознае границите на волјата на другите држави и организации за решавање на проблемите на земјата“.
Во друг документ објавен од Викиликс, нашата земја била подготвена да го прифати името Република Северна Македонија (Republic of Northern Macedonia или Republic of North Macedonia) уште во 2008 година, под услов со тоа да биде вклучено и признавањето на “македонскиот јазик и националноста“.
Доверливата белешка од амбасадата на САД во Скопје, насловена како: “Што им е потребно на Македонците за решавање на спорот за името”, е со датум од 29 јули 2008 година и е напишана од тогашната американска амбасадорка Џилијан Миловановиќ.
Во првиот дел од белешката, Миловановиќ ги изнесува своите заклучоци по состаноците со тогашниот претседател Бранко Црвенковски и со премиерот Никола Груевски, притоа наведуваќи и какви услови би биле прифатливи за земјата.
ШТО ПИШУВА ВО БЕЛЕШКАТА?
Име: Република Северна Македонија (Republic of Northern Macedonia или Republic of North Macedonia).
Каде: Во сите меѓународни организации, и дополнително билатерално, од која било земја што не сака да го користи уставното име. (И покрај тоа што не го дискутиравме ова експлицитно, веројатно меѓународните договори би следеле по истиот модел, при што со користењето на новото име во мултилатералните односи, ќе има можност за такво нешто и билатерално). Македонија ќе го користи своето уставно име и внатрешно, на пасоши, во медиумите итн.
Идентитет: Јазикот и националноста ќе се нарекуваат македонски, но ова би можело да се однесува премолчено, можеби како дополнителен анекс кон Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, или со некој друг внатрешен документ на ОН, кој не е предмет на грчко разгледување/одобрување.
Во крајна линија, на Македонија треба да и се гарантира дека нивниот јазик, националност и слично ќе продолжи да се нарекува македонски, а не северно-македонски.
Неодамна, Викиликс објави и документ за актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров според кој тој се водел како „заштитен извор“ на Американската амбасада два пати во 2008 година откако обезбедил информации за грчко-македонскиот спор за името и НАТО и ЕУ интеграциите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(ВИДЕО) Во Лондон уапсен основачот на Викиликс, Џулијан Асанж
„Викиликс“: Глигоров бил за решавање на спорот за името, но да не се поминат „црвените линии“
Груевски за документот на Викиликс: Јалови обиди и глупости
Викиликс открива: Република Северна Македонија било прифатливо решние за името и во 2008
Заев: Документот на „Викиликс“ е причина повеќе да се излезе на референдум