Изборите за петтиот претседател на државата поминаа во најдобар ред, а на гласање излегоа премиерот Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Ви ги пренесуваме нивните изјави:
„Денеска е најважно прво да успеат изборите, да имаме успешен избор на претседател на нашата земја. Истовремено од одлуката ќе зависи во кој правец и со какво темпо ќе продолжи да се движи земјата.
Јас верувам дека ќе продолжиме со забрзано темпо да се движиме напред, да бидемо рамо до рамо со современиот западен развиен свет“, рече премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев по гласањето на избирачкото место 1730 во Струмица, каде гласаше заедно со сопругата Зорица.
Очекува по изборите да се продолжи со процесите и унапредување на квалитетот на живот на нашите граѓани.
„Се надевам дека изборите ќе бидат успешни и ќе се движиме напред заедно како што не личи“, додаде Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање кои се опциите доколку нема цензус на вториот круг претседателски избори, премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев рече дека постојат повеќе опции кои јавно се коментираат од страна на аналитичарите.
„Една од опциите која мене прво ми паѓа на памет, што не значи дека е и конечна, бидејќи тоа зависи од сите политички чинители, на крајот и од експертите и од граѓанскиот сектор, е брзо да се организираат втори избори, заедно со парламентарни избори, за да се покрене цензусот.
Се надевам дека нема да дојде до тоа. Јас верувам дека трендот на излезност ќе биде поголем и еве сега е 11 часот кога ја давам изјавата процентот е поголем во споредба со првиот круг и тоа дава гаранции зе успешност на изборите“, смета Заев.
Други опции се во парламентот, со промена на уставот да се тргне цензусот и да се оди повторно на избори, додека, пак, третата, како што рече Заев, третата или втората подопција е промена на Уставот со избор на претседател на државата во парламентот.
„Но, сите овие опции се помалку демократични и се дефинитивно проблематични за државата, затоа што ќе не вратат неколку месеци назад, ќе застанат просеците, повторно ќе има политички дебати, ќе има Пржински договори, ќе има разговори во Клубот на пратанеците… Тоа не ни треба.
Тоа квалитетно време, верувам дека сите ние, пред се граѓаните, но и Владата и политичарите, ќе го искористиме да направиме уште еден поголем, квантитативен чекор за државата и граѓаните напред“, рече Заев.
По пет недели кампања во првиот и во вториот круг, по поминати повеќе од 13.000 километри можам да заклучам дека денеска граѓаните треба гласно да зборуваат со пенкалото во рака позади гласачката кутија дали се за ова секојдневие кое денеска за жал е власт предводена од Заев Зоран или, пак, за сето она што ние изминативе пет недели, но и изминатиов период, исто така, го зборуваме, а тоа е правдата што треба да ја победи целокупната неправда што денеска се случува во Република Македонија, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по гласањето на вториот круг од претседателските избори.
Посочи дека денеска е свечен ден и покрај сите случаи на неправилности и нерегуларности за кои бил информиран денеска од терен. Најави дека партијата ќе има и неколку вонредни прес-конференции.
“Очигледно карактерот на властодршците на Зоран Заев не мирува. Сакаат на насилен пат да се избере претседател на Република Македонија. Имаме неколку случаи во Источна Македонија, кои ВМРО-ДПМНЕ преку прес-конференција ќе и ги соопшти на јавноста.
Но, и покрај сите тие злоупотреби и покрај сите тие притисоци и покрај сето тоа што се случуваше изминатите денови особено полициската опсада што беше реалност во Охрид и во Ново Село, изминатите неколку денови, ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска Давкова ќе победат денеска. Македонија денеска ќе ја добие првата жена за претседател на Републиката“, додаде Мицкоски.
Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети гласаше во вториот круг од претседателските избори на избирачкото место 0816 во Зајас-Џума.
„Денешниот ден за сите граѓани во земјата е многу битен за давање порака до целиот регион и до меѓународната заедница дека сме зрело општество.
Не е ден за седење дома, туку ден за да се даде придонес за иднината и така сите заеднички да чекориме кон сигурната иднината на нашата земја.
Излезноста до овој момент е поголема за 0,5 проценти споредбено со првиот круг во оваа време. Според моите информации до овој момент изборниот процес се одвива мирно и без никакви проблеми“, рече Ахмети.
МИА/Фото: Фејсбук/Ахмети/ВМРО-ДПМНЕ/Влада
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Што изјавија при гласањето Силјановска Давкова, Пендаровски и Иванов?