Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) до грчките колеги достави предлог и динамика за најавеното намалување на цените во роаминг што, според меморандумот што го потпишаа двете држави, треба да стартува од летната сезона.
Првата година по влегување во сила на меморандумот, според предлогот, цените за пренос на податоци во малопродажба би се намалиле за 93 проценти, на појдовни повици во малопродажба за 77 проценти, а кај СМС за 69 проценти.
Од АЕК за МИА изјавија дека од наша страна сме подготвени првичното поевтинување на услугите да почне од 1 јули годинава. Чекаат известување од грчкиот регулатор за електронски комуникации кога од нивна страна ќе бидат завршени националните процедури и ќе се исполнат предусловите за да може да се реализира најавата од потпишувањето на меморандумот на 19 февруари годинава од ресорните министри Никос Папас и Дамјан Манчевски.
Според предлогот на АЕК, првата година по влегување во сила на меморандумот цените за пренос на податоци во малопродажба би се намалиле за 93 проценти.
Конкретно, од 1. јули малопродажната цена за MB ќе изнесува 0,70 евра, една година подоцна 0,45 евра, а од јули 2021 година 0,20 евра.
Процентуалното намалување на цената за појдовни повици во малопродажба, пак, во првата година би било 77 проценти. Појдовен повик од 1 јули треба да чини 0, 29 евра, во јули следната година да се намали на 0, 24 евра, а во јули 2021 година 0,19 евра.
Цената на испратени СМС пораки од јули годинава би чинела 0,09 евра, а 0,08 евра, односно 0,06 евра од 2020 односно 2021 година, а за добиените пораки ќе бидат бесплатни. Кај пораките по првата година цените би се намалиле за 69 проценти.
Роамингот во регионот од јули ќе поевтини за 50 до 70 проценти
Согласно со Спогодбата за укинување на роамингот во западен Балкан, потпишана помеѓу државава, Србија, Црна Гора, БиХ, Албанија и Косово, од 1. јули годинава до јуни 2021 кога цените за роаминг услугите ќе исчезнат, се воведува преоден или транзитен период во кој операторите за роаминг услугите ќе може да наплаќаат само одреден дополнителен надомест на националните електронски комуникациски малопродажни цени.
Тој дополнителен надомест не може да биде поголем од околу три денари (0,05 евра) за роаминг појдовни повици. Додека пак малопродажната цена за влезните роаминг повици ќе биде околу 2,5 денари во првата година започнувајќи од 1. јули годинава, односно околу 1,5 денари во втората година започнувајќи од 1. јули 2020 година.
Слични намалувања на роаминг услугите се очекува и за СМС пораките, со тоа што излезните СМС пораки нема да бидат поскапи од 3,7 денари, додека влезните СМС пораки ќе бидат бесплатни.
Ваквата спогодба ќе придонесе до намалување на цените за роаминг повици во просек од 50 до 70 проценти уште во првата година од нејзиното имплементирање споредено со сегашните цени на регулираните малопродажни роаминг повици со четирите земји потписнички на Спогодбата за намалување на роаминг услуги од септември 2014 во Будва.
МИА