еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Се слави Националниот ден на Власите: Народот кој ја ткаеше македонската историја

Влашката заедница во земјава денеска го прославува 23 мај –Националниот ден на Власите.

Народот кој нема сопствена држава всушност отсекогаш учествувал во пресудните историски настани во земјава поради што слободно може да се каже дека земјава е нивна татковина.

Власите или уште попознати како Ароманци, Цинцари и Куцовласи се народ од романската етничка група на народи, населен ширум Балканскиот Полуостров. За нивното потекло има повеќе тези.

Некои проучувачи тврдат дека Власите се остатоци од Ромеите, односно потомци на Римјаните, а други пак сметаат дека Власите се потомци на Трако-Илирите, Епирците или Тесалијците, но сепак без сомнение е тезата дека дека тие се староседелско автохтоно население на Балканскиот полуостров од 147 год. п.н.е. се до средината на 5 век, кога настана поделбата на Римското царство.

Првиот јазичен документ за постоењето на Власите, односно за постоењето на влашкиот јазик, се зборовите:”torna, torna, frate”,запишани некаде кон крајот на деветтиот век.

Во 980 година се споменува постоењето на т.н. Голема Влахија, првата државна автономна творба во рамките на Византиското Царство.Потоа се споменуваат уште и Мала Влахија и Горна Влахија.

Подоцна Москополе било разурнато од албанските банди при што голем број Власи здружени со Власите од околината на планината Грамос се населиле во Македонија (Крушево, Осоговски Планини, Овче Поле, штипско итн.)

Во времето на турското царство, Власите на Балканот живееле под т.н. систем на вазалство, односно со признати капитанати, мали вазални кнежевства, и тоа се до средината на осумнаесеттиот век, т.е. до појавата на Али Паша Јанински.

На 23 мај 1905 година султанот на турското царство, Абдул Хамид Втори издаде ”Ираде” (султанов декрет) со кој на Власите им биле доделени национални права во Отоманското царство, можност за избор на свои “муктари” (градоначалници), можност за настава на влашки јазик во училиштата и богослужба на влашки јазик во црквите. На истиот ден, Везирот Сафет Паша го потпишал и издал ”Коминикето” со кое на патријаршијата и се забрануваат: националните права, правото на јазик и богослужба.

Овој ден се одбележува како ”Национален ден на Власите” од формирањето на првите пост-комунистички влашки здруженија од страна на сите Власи на Балканот и пошироко.

Со измените во законот за државни празници на РМ овој ден е прогласен за државен празник на РМ за припадниците од влашката етничка заедница

Власите биле вклучени во сите национално-ослободителни движења и борби што ги воделе Македонците, особено низ XIX век и понатаму.

Во Македонија нема национално движење во кое не учествувале Власите заедно со Македонците.

За истакнување е и придонесот на Власите во Илинденското востание каде масовно се присоединиле кон востаниците во Крушево и Костурско. Во тие востанички акции влашкото население зема активно учество во ослободувањето на Крушево, Клисура и Невенска сите три области населени со Власи, додека Крушево и со Македонци.

Воедно тие биле вклучени и во организирањето на револуционерната власт во ослободените влашки населби. Од нивните редови израснаа смели и прочуени борци, меѓу кои и легендарниот јунак на Крушевската република, Питу Гули.

И во периодот меѓу двете светски војни прогресивните сили од влашко потекло се наоѓале во првите редови вклучени во револуционерните движења на овие простори и заедно со Македонците делувале во организирање на отпор против фашизмот.

Во текот на Народно-ослободителната војна и револуција на Македонија (1941-1945), Власите заедно со Македонците биле вклучени во борбата за национално ослободување на македонскиот народ од окупаторската власт. Нивната заедничка борба на одреден начин спонтано е втемелена во државната химна на независна и самостојна Република Македонија.

Карактеристична е државната химна на Македонија во која се испеани и градителите на славната Крушевска Република: Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Јане Сандански (двајца македонски и двајца влашки војводи) прв пат е испеана во влашка куќа во Струга, на пречекот на Сотир Шута.

Република Македонија е прва, засега единствена земја каде Власите се признати со Уставот како заедница, односно како дел од влашкиот народ кој е распространет на Балканскиот полуостров и имаат право на граѓанско и политичко организирање, емисии на влашки јазик на Македонската национална радио и телевизија, имаат право на изборно изучување на предметот “јазик и култура” на Власите во училиштата, издаваат книги, списанија и организираат разни културни манифестации.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

За една недела 31 лице повторно се заразило со Ковид-19

Редакција

Одложена лицитацијата за имотот на фирмата ДЕНА, за која алармираше австрискиот амбасадор

Редакција

Русија предупредува: Артикот може да стане бојно поле по одлуката на Финска и Шведска за влез во НАТО

Редакција