Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска во Битола одржа регионална работилница за безбедност на новинарите на која освен новинари од регионот учествуваа и претставници на Министерството за внатрешни работи од овој град.
Според Дениз Сулејман, координатор на проектот „Безбедни новинари за кредибилни информации“, бројот на напади врз новинарите последниов период се намалува, а тоа искажано во бројки значи дека во 2017 година биле регистрирани 18 напади врз новинари, а во 2018 евидентирани се само шест случаи.
-Политиката на неказнивост е поголем проблем од самите напади врз новинарите и тоа треба да се промени. Во моментов работна група на Министерството за правда во која партиципираат и членови на ЗНМ работат на измени во Кривичниот законик, со што очекуваме во иднина нападот врз новинар да се смета како напад врз службено лице, бидејќи на терен, новинарот е на должност и тоа мора така да се третира, посочи Сулејман и додаде дека под напад на новинар се подразбира притисок врз новинар, уништување на личен имот, уцена, физички напад, мобинг во редакција, одземање на опрема, но и говор на омраза врз новинари искажани преку социјални медиуми како зачестена појава во нашето општество.
Зоран Ричлиев од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, нагласи дека поддршката на проекти и обуки од ваков формат е значајна на долг рок, новинарот Мефаил Исмаили порача дека треба да се користат сите расположливи механизми и алатки за поголема безбедност на новинарите, додека пак новинарот Маја Јовановска нагласи новинарите добиваат закани од секаков вид кои може да бидат од моќници, политичари, бизнисмени, но и од како што рече, обични луѓе.
-Најдобро е секој напад врз новинар, новинарот да го пријави без да премолчува затоа што ако се премолчи, тогаш заканувачот добива поголема моќ. Апелирам сите напади врз новинари да се пријавуваат во ЗНМ, бидејќи ЗНМ ќе може да помогне преку домашните и меѓународните новинарски, но и други институции, рече Јовановска.
На регионалната работилница во Битола беше посочено дека за подобрување на безбедноста на новинарите, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во соработка со Мисијата на ОБЕСЕ во Скопје, воспостави телефонска линија со цел поддршка на новинарите и медиумските работотници, а бројот на бесплатната телефонска линија која функционира 24/7 часа е 0800-11-011.
МИА