еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Секреторен отит кај децата – значењето на раната дијагностика и третман

Воспаление на средното уво со излив /секреторниот отит/ претставува патолошка состојба на средното уво зад интактно/неоштетено ушно тапанче без симптоми и знаци на акутна инфламација.

Повеќе од 80% од децата од предучилишна возраст поминуваат низ најмалку една епизода на секреторен отит, а најзасегната е возрасната група на деца од 3-6 годишна возраст.

Се смета дека во основата на сите воспалителни процеси на ушите кои можат да се јават во тек на животот, особено на хроничните форми, се секреторни отити во раната детска возраст кои не биле детектирани или не биле соответно третирани.

Ризик фактори за појава на секреторен отит  се честите горно-респираторни инфекции, аерозагадувањето, социо-еконимските услови  на живеење, се поинтензивното присуство на децата во дневните центри за згрижување /градинки, училишта/, но секако свое влијание имаат и доењето и пасивното пушење.

Основниот механизам за појава на овие отити е дисфункција на Евстахиевата туба што доведува до подолготраен негативен притисок и акумулација на излив/секрет во средното уво. Дисфукцијата на тубата најчесто се јавува во услови на чести горно-респираторни инфекции, зголемен и често воспален трет крајник или склоност кон алергии.

Симптоматологијата на секреторниот отит се карактеризира со минорни симптоми, често занемарени поради возраста, манифестирани како безболно спроводно намалување на слухот и чувство на исполнетост во увото.

За разлика од минорните симптоми секвелите или последиците поради касната дијагноза или несоотвентиот третман се мајорни – оштетување на слухот, атрофија на тапанчето, хронични инфекции.

Дијагнозата се поставува врз основа на исцрпната анамнеза и преглед. Но во основа особено значење во поставувањето на правилна дијагноза имаат 3 дијагностички методи:

1.Отомикроскопија – претставува златен стандард во дијагностиката на промените во надворешниот слушен канал и ушното тапанче, а преку него идиректно и проценка на промените во средното уво. Особена важност има во детската возраст бидејки во услови на ограничена визуелизација го зголемува повекекратно видното поле и на тој начин овозможува многу подобра проценка во однос на класичната отоскопија.

2.Тимпанометрија – служи за проценка на фукционалната состојба на средното уво. Со аплицирање на променлив притисок во надворешниот слушен канал се добива соответен графички одговор /тимпанометриска крива/ според која се толкуваат различни патолошки состојби во средното уво, ушното тапанче, слушните ковчиња и Евстахиевана туба.

Ова е објективна метода, не побарува особена соработка од страна на пациентот, затоа може да се користи кај сите пациенти независно од возраста. Од тие причини се препорачува и како скрининг метода или метода за рано откривање на овие состојби.

3.Тонална аудиометрија – претставува субјективна метода за испитување на слухот/зависи од соработката на пациентот при аплицирање на звуци со различна јачина и фреквенција од страна на испитувачот. Добиенот графички приказ е слика на состојбата на слух кај испитаникот и е во тесна врска со различни патолошки состојби на слушниот апарат.

Поради неопходната соработка од страна на испитаникот оваа метода има лимитирана употреба и може да се користи кај деца над 3,5-4 годишна возраст.

Тријасот од овие дијагностички методи е од особена важност во дијагностиката на секреторниот отит. Во отомикроскопскиот наод можни се разни варијации – заматено, вовлечено тапанче, со намалена прозрачност и различна пребоеност/ розеникаво, белузлаво, жолтеникаво. Рамната тимпанометриска крива/тип Б, како и намалување на спроводната компонента на аудиометрискиот наод особено во ниските фреквенции/т.н.” аудиограм во форма на лажичка” се типичен наод.

Секоја метода сама за себе има одредена важност, но користењето на сите три методи дава можност за што подобра дијагностика и проценка на тежината на промените, но е и добра алатка во следење на еволуцијата на заболувањето поради можните варијации.

Надопoлнување на овие методи е флексибилната/фиберназофарингоскопија која овозможува прецизна евалуација на носните простори и проценка на третиот крајник.

Постојат повеке дилеми при дефинирање на третманот на секреторниот отит.

Дилема 1: Дали секогаш може да го дефинираме “нултото време” /времето кога почнува секреторниот отит

Став: Зависи од способноста на родителите или воспитувачите/наставниците да ги забележат слушните проблеми, а многу малку од самите пациенти/децата.

Дилема 2: Конзервативен третман – Wait and see approach/само следење на еволуцијата на заболувањето или активен третман

Став: Зависи од проценката на тежината на резултатите од тријасот дијагностички методи /отомикроскопија, тимпанометрија, аудиометрија/. Активниот конзервативен  третман се спроведува според  дефинирани прирачници кои ги даваат насоките во третманот и може да се користат антибиотици, антихистаминици, кортикотерапија /системски или локално/, муколитици.

Дилема 3: Времетраење на конзервативниот третман

Став: Според препораките овој период е 3 – 6 месеци, доколку резултатите во тој период не покажуваат значително подобрување. Но тој секогаш може да варира и зависи од поценката и тежината на резултатите од  дијагностичките методи.

Хируршкиот третман се наметнува во случај не неуспех на конзервативниот третман и перзистирање на симптомите и наодите. Тој подразбира неколку можни процедури:

– миринготомија и аспирација – засекување/или формирањена  отвор на ушното тапанче и аспирација/извлекување на секретот од средното уво. Отворот на тапанчето спонтано затвара во период  од неколку дена до неколку недели/зависно од техниката на миринготомија.

– миринготомија, аспирација и пласирање на вентилационо цевче – по реализираната миринготомија и аспирација на местото на отворот на тапанчето се пласира вентилационо цевче кое овозможува прологорана вентилација и дренажа на средното уво. Ова цевче стои на тапанчето 6 – 12 месеци и во најголем број на случаи спонтано се отфрла во надворешниот слушен канал. Во мал број на случаи потребно е повторно пласирање на вентилациони цевчиња. Постојат и вентилациони цевчиња за пролонгирана вентилација и дренажа /1 – 3 години/, а се користат кај потешките случаи или во случаи кога цевчињата за краткотрајна вентилација и дренажа неможат да го санираат процесот.

– oвие интервенции се често надополните со аденоидектомија – отстранување на третиот крајник или тонзилоаденоидектомија – отстранување на непчаните крајници и третиот крајник.

Дилема 4: Миринготомија или миринготомија со пласирање на вентилационо цевче

Став: Зависи од преоперативните дијагностички резултати, но и од проценка на изливот/секретот од средното уво во текот на интервенцијата и по реализираната миринготомија. Доколку изливот е поредок и пооскуден само миринготомија и аспирација, но ако е погуст или леплив секако треба да се пласира и вентилационо цевче.

Дилема 5: Операција на крајници во хируршкиот третман на секреторниот отит/ да или не

Став: И покрај различните мислења таа е оправдана кога има јасни индикации за оваа оперативна интервенција, но е корисна и за отстранувањето на потенцијалниот извор на инфекции. Ова особено се однесува на третиот крајник.

Дилема 6: Често употребуван збор во прирачниците за третманот е и/или

Став: Ова секако остава простор за тераписки избор и тераписки варијации адаптирани за секој пациент, но дефинирани според резултатите од  дијагностичните методи во периодот на иницијалната дијагноза и периодот на следење

За жал кај одреден број на случаи поради прикриените симптоми и ненавремената дијагноза хируршкиот третман се наметнува како првичен избор.

Навремената и прецизна дијагноза на секреторниот отит го зголемува терапискиот простор кој и покрај дадените насоки според  дефинирани прирачници треба да биде адаптиран на секој пациент и наодите добиени од дијагностичките процедури. На тој начин значително се намалува ризикот од појава на компликации, ризикот од оштетување на слухот и потешкотии во развој на говорот.

Прим. д-р Борислав Гогушевски, Оториноларинголог

КОМЕРЦИЈАЛНА ОБЈАВА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од грип починал 45-годишен маж од Неготино

Редакција

Сите вакцините се безбедни, но кинеските се покажаа помалку ефикасни кон делта сојот од мРНА вакцините, вели Грозданова

Редакција

Утре повремен дожд, од понеделник поројни врнежи

Редакција