еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Се што треба да знаете за алергии на храна

Алергија на храна е реакција на имунолошкиот систем што се случува веднаш по јадење одредена храна. Дури и мала количина на храна што предизвикува алергија може да предизвика знаци и симптоми како што се проблеми со дигестивниот систем, уртикарија или оток на дишните патишта.

Кај некои луѓе алергијата на храна може да предизвика сериозни симптоми или дури и опасни по живот реакции познати како анафилакса.

Алергијата на храна се јавува кај околу 6 до 8 % од децата и под 3 % кај возрасните.  Без примање на терапија, некои деца ја надминуваат алергијата на храна со возраста.

Лесно може  да се помеша алергијата на храна со многу почеста реакција позната како интолеранција на храна. Иако е здодевна, интолеранцијата на храна е помалку сериозна состојба која не го вклучува имунолошкиот систем.

Симптоми 

За некои луѓе, алергиска реакција на одредена храна може да биде непријатна, но не и сериозна. За други луѓе, алергиската реакција на храна може да биде застрашувачка, па дури и опасна по живот. Симптомите на алергија на храна обично се развиваат во рок од неколку минути до два часа по јадење на одредена храна.

Најчестите симптоми  на алергија на храна вклучуваат:

-трнење или чешање во устата

-уртикарија, свраб или егзема

-отекување на усните, лицето, јазикот и грлото или други делови од телото

-визинг, назална конгестија или проблеми со дишењето

-абдоминална болка, дијареа, гадење или повраќање

-вртоглавица, зашеметеност или несвестица.

Анафилакса

Кај некои луѓе алергијата на храна може да предизвика сериозна алергиска реакција наречена анафилакса. Ова може да предизвика опасни по живот знаци и симптоми, вклучувајќи:

-спазам и оток на дишните патишта, оток на грлото или сензација на грутка во грлото што го отежнува дишењето

-шокова состојба со силен пад на крвниот притисок

-брз пулс

-вртоглавица, зашеметеност или губење на свеста.

Итен третман е најбитен за анафилакса. Нелекувана, анафилаксата може да предизвика кома, па дури и смрт.

Кога да се оди на лекар

Потребно е да се посети  докторот или алергологот ако се јавиле симптоми на алергија на храна веднаш по јадење. Ако е можно, треба да се контактира доктор во моментот кога ке се јави алергиска реакција.

Барајте итен третман ако се јават знаци или симптоми на анафилакса, како што се:

-спазам на дишните патишта што го отежнува дишењето

-шокова состојба  со голем пад на крвниот притисок

-брз пулс

-вртоглавица или зашеметеност.

Причини

При алергија на храна, имунолошкиот систем погрешно идентификува одредена храна или супстанција во храната како нешто штетно. Како одговор на тоа, имунолошкиот систем реагира  со ослободувањена антитело познато како имуноглобулин Е (IgE) за да ја неутрализира алергичната храна или супстанцијата во храна (алергенот).

Следниот пат кога ке се внесе дури и најмалата количина од таа храна, IgE антителата го откриваат алергенот и му сигнализираат на имунолошкиот систем да ослободи супстанца наречена хистамин, како и други супстанци, во циркулација. Овие супстанци ги предизвикуваат алергиските симптоми.

Кај возрасните, повеќето алергии на храна се предизвикани од одредени протеини од: школки, ракчиња, јастози и ракови, кикирики, јаткасти плодови како што се ореви, лешници, бадем и риба.

Кај децата, алергиите на храна најчесто се предизвикани од протеините во: кикирики, јаткасто овошје, јајца, кравјо млеко, пченица и соја.

Синдром на алергија на полен и храна

Исто така познат како орален алергиски синдром, синдромот на алергија на полен и храна делува на многу луѓе кои имаат поленска треска. Во оваа состојба, одредени свежи овошја и зеленчуци или ореви и зачини можат да предизвикаат алергиска реакција која предизвикува трнење или чешање во устата.

Во посебни случаи, реакцијата резултира со отекување на грлото или дури и анафилакса.

Протеините во одредени овошја, зеленчуци, ореви и зачини предизвикуваат реакција, бидејќи тие се слични на протеините кои предизвикуваат алергија и се среќаваат кај одредени полени. Ова е пример за вкрстена реакција.

Кога дома се припрема храна која предизвикува синдром на алергија на полен, тогаш симптомите може да бидат помалку изразени.

Во следната табела се прикажани специфичните овошја, зеленчуци, јаткасти плодови и зачини кои можат да предизвикаат алергиски синдром на полен и кај луѓе кои се алергични на различни полени.

Ако постои алергија на полен од бреза  исто така може да се јави реакција на: бадем, јаболко, кајсија, морков, целер, цреша, лешник, праска, кикирики, круша, слива, компири, соја, како и од некои билки и зачини (анасон, ким, коријандер, магдонос).

Ако постои алергија на полен од амброзија, може да се јави реакција на: банани, краставица
диња и лубеница.

Ако постои алергија на полен од треви може да се појави реакција на: тиквички, краставица, диња, лубеница, портокал, кикирики, домати и бел компир.

Ако постои алергија на артемизија може да се појави реакција на: јаболко, бел бибер, брокула
зелка, моркови, целер, карфиол, лук, кромид, праска, како и од некои билки и зачини (анасон, црн пипер, кинеско семе, коријандер, сенф, магдонос).

Интолеранција на храна и други реакции

Интолеранција на храна или реакција  на некоја супстанца од храната, може да предизвика исти знаци и симптоми како алергија на храна – како гадење, повраќање, грчеви и дијареа.

Во зависност од видот на интолеранција на храна, можеби ќе може да се внесе мала количина од одредена храна, без реакција. Спротивно на тоа, ако постои вистинска алергија на храна, внес и на мала количина на храна може да предизвика алергиска реакција.

Еден од потешките аспекти на дијагностицирање на интолеранција на храна е дека некои луѓе не се чувствителни на самата храна, туку на супстанција или состојка што се користи во подготовката на храната.

Вообичаени состојби кои можат да предизвикаат симптоми што се слични на алергија на храна вклучуваат:

Отсуство на ензим кој е потребен за потполно да се разгради храната. Можеби, организмот не создава  соодветни количини на некои ензими потребни за да се свари одредена храна. Недоволните количини на ензимот лактаза, на пример, ја намалуваат способноста за варење на лактоза, главен шеќер во млечните производи. Интолеранцијата на лактоза може да предизвика надуеност, грчеви, дијареа и гасови во стомакот.

Труење со храна. Понекогаш труењето со храна може да имитира алергиска реакција. Бактериите во расипаната туна и другите риби исто така можат да создадат токсин што предизвикува штетни реакции.

Чувствителноста кон адитиви за храна. Некои луѓе имаат дигестивни реакции и други симптоми после јадење одредени адитиви за храна. На пример, сулфитите кои се користат за зачувување на сувото овошје, конзервираните производи и виното може да предизвикаат напади на астма кај чувствителни луѓе.

Хистаминска токсичност. Одредени риби, како што се туна или скуша, кои не се соодветно чувани во фрижидер и кои содржат големи количества бактерии, исто така, може да содржат високо ниво на хистамин, што предизвикува симптоми слични на оние кај алергијата на храна. Наместо алергиска реакција, ова е познато како хистаминска токсичност или труење  со скромбоид

Целијачна болест. Додека целијачната болест понекогаш се нарекува и алергија на глутен, тоа не резултира со анафилакса. Како алергија на храна, таа вклучува одговор на имунолошкиот систем, но тоа е единствена реакција која е посложена од едноставна алергија на храна.

Оваа хронична дигестивна состојба се активира со јадење глутен, протеин што се наоѓа во лебот, тестенини, колачиња и многу други јадења што содржат пченица, јачмен или ‘рж.

Ако имате целијачна болест и јадете храна која содржи глутен, се јавува имуна реакција која предизвикува оштетување на површината на тенкото црево, што доведува до неспособност за апсорбција на  одредени хранливи материи.

Прим. д-р Соња Петровска, педијатар во Zan Mitrev Clinic

КОМЕРЦИЈАЛНА ОБЈАВА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Филипче со признание до здравствените работници: Верувам дека секој од Вас знае колку е важно да издржиме, да останеме посветени

Редакција

Тројца полицајци повредени, а пет лица приведени за време на вчерашниот протест

Редакција

Од Ковид-19 починаа 35 починати лица, најмладиот пациент на 34 години

Редакција