Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ) денеска реагира на вчерашната изјава на претседателот Стево Пендаровски за случајот „Рекет“.
Не е време за напади на институциите, наведува ЈОРСМ и додава дека нема да дозволи дискредитирање на обвинители и мешање во кривични постапки од страна на политичарите.
„Изјавата на претседателот на Република Северна Македонија дека дава целосна поддршка на обвинителството и дека ќе ги употреби сите уставни и законски овластувања за да го заштити од притисоци ќе беше реална, доколку повикаше пратениците да го изгласаат Законот за јавното обвинителство и доколку дадеше поддршка за зајакнување на капацитетите на обвинителството за поефикасна борба против криминалот и владеење на правото“, стои во соопштението од Обвинителството.
ЈОРСМ ја уверува јавноста дека за посочениот предмет се постапува неселективно и навремено, според утврден план на истрагата и дека сите инволвирани во кривични дела ќе бидат сослушани или испитани и ќе одговараат согласно законот.
„ЈОРСМ уште еднаш потенцира дека подлегнувањето на политички притисоци и мешање во работата на обвинителството, штетно влијае врз текот и успешноста на истражната постапка и врз обезбедување на доказите“, се наведува во денешното соопштение од Обвинителството.
Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски пак одговори дека во своето обраќање на вчерашната прес-конференција тој по ниту еден основ не го дискредитира Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ), ниту постои намера за напаѓање на надлежните институции и мешање во кривичните постапки коишто се во тек.
„Потенцираме дека претседателот Пендаровски во своето обраќање изрази целосна поддршка за надлежните институции, а особено на обвинителството и судот и истакна дека ќе стори се за да ги заштити од евентуалните притисоци при спроведување на истрагата и целосно расветлување на случајот „Рекет““, стои во реакцијата.
Кабинетот на Пендаровски уште еднаш укажува дека е потребно ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата за случајот „Рекет“, почитувајќи го начелото на презумпција на невиност.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Пендаровски ги прочита мислите на граѓаните биле од СДСМ или од ВМРО- ДПМНЕ
Фото: Кабинет на претседателот