Денот на независноста ни покажа дека слободата и самостојноста ги имаат најубавите бои, напиша на својот Фејсбук профил премиерот Зоран Заев.
„На 8 септември 1991 година, Денот на независноста ни покажа дека слободата и самостојноста ги имаат најубавите бои. Дека радоста, среќата и убавината што ја преплавија тогаш нашата татковина треба да ги паметиме и да ги носиме со нас секогаш кога ќе се соочуваме со искушенија и опструкции на нашиот пат. Тоа се нашите бои, боите на независноста и на слободата.
Така се слави Денот на независноста. Нека е вечен Денот на независноста. Да живее Република Северна Македонија“, напиша премиерот Заев.
Претседателот Стево Пендаровски потсети дека во 1991-та во неизвесно време граѓаните се обединиле околу идејата за своја, независна држава.
„Тогаш, големиот предизвик, наместо причина за поделби, стана повод за обединување, сите се собравме околу идејата за независна и суверена Македонија“, вели претседателот во честитката упатена до граѓаните по повод 8 Септември, Денот на независноста.
Низ годините, како што посочува претседателот, имавме и подеми и падови, и грешки и успеси, но, заедно, ги надминавме сите искушенија.
„Во 1991-та одбравме независност, во 2001-та меѓуетнички соживот. Денес сме пред портите на европските и евроатлантските институции. За да стигнеме до целта, треба повторно да го обновиме единството што го имавме на почетокот на независноста. За тоа ни е неопходно граѓанско помирување, а за трајно помирување потребна е ефикасна правда и државни институции со интегритет“, вели Пендаровски.
Ако сакаме младите генерации да останат во земјата и тука да живеат, да работат и да создаваат иднина, како што истакнува претседателот, мора да се потрудиме многу повеќе како држава и да им обезбедиме услови да се реализираат и да успеат дома, во својата земја.
Говорејќи за различностите, Пендаровски истакнува дека токму нашата различност е нашата привилегија.
„Колку поразлични сме, толку побогат и поубав ќе биде нашиот заеднички дом. Да градиме заеднички држава во која сигурно има место за сите нас, да градиме општество ослободено од предрасуди.
Држава и општество во која има продуктивен политички дијалог, социјална правда, солидарност кон ранливите и заборавените, во која и државата и граѓаните се грижат за животната средина. Држава во која владее правото, во која истите правила важат за сите нас, и за силните и за слабите, и за моќните и за немоќните, и за власта, и за опозицијата.
Држава во која ќе се признаваат грешките и ќе се честитаат успесите. Само таква држава ќе има сигурна и просперитетна иднина“, нагласува шефот на државата во честитката.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мицкоски од Кораб, а Груевски со сеќавање на студентските денови го честитаа Денот на независноста
Фото: Фејсбук/Зоран Заев