еМагазин
Image default
Убава приказна

„Зоки Поки“ ќе се емитува на Македонска радио телевизија

Македонската радио телевизија влегува во копродукција на претстојната ТВ-серија „Зоки Поки“.

ТВ-серијата, чие снимање беше комплетирано месецов, е модерна екранизација на култната детска книга на писателката Оливера Николова, во режија на Александар Поповски и продукција на Роберт Насков и Кино Око, со поддршка на Агенцијата за филм.

„Кога со Александар Поповски размислуваме за серијата ‘Зоки Поки’ секогаш идејата ни беше да се прикажува на Македонската телевизија. За серијата е многу важно што ја има Македонската радио телевизија за партнер кој не само што ќе ја емитува, туку и финасиски ја подржува. Местото на оваа серија е токму на оваа телевизија и драго ми е што на овој начин серијата ќе стигне до секој заинтересиран гледач во Македонија. Тоа е главната цел на секоја програма.

Оваа соработка е во насока на добивање поголем квалитет на серијата. Посакувам заедно со Македонската радио телевизија да реализираме многу сезони од серијата ‘Зоки Поки’ на задоволство на сите гледачи во Македонија“, вели Роберт Насков.

Режисерот Александар Поповски и продуцентот Роберт Насков се одлучиле за екранизација токму на „Зоки Поки“ не само затоа што сметаат дека ова култно литературно дело е релевантно за многу генерации, туку и поради недостаток на домашна ТВ-програма за деца.

Со желба за враќање на вредностите кои полека исчезнуваат, Поповски и Насков сакаат да создадат ТВ-проект кој ќе им го задржи вниманието на децата кои растат во денешното „брзо“ време.

Договорот за копродукција со Македонската радио телевизија е склучен по пат на учество на ТВ-проектот „Зоки Поки“ на Јавен повик, којшто Македонската радио телевизија, согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, го распишува по објавување на својата Годишна програма.

Од МРТ велат дека сценариото за „Зоки Поки“ на Кино Око продукција, едноставно „светнало“ меѓу мноштвото пријави пристигнати на Јавниот повик и дека Комисијата за набавка на програмски содржини била едногласна во одлуката.

„Култниот роман ‘Зоки Поки’ на Оливера Николова, создаден пред 56 години, ја докажа својата безвременска димензија. Без разлика на трансформацијата на информациското општество, на преминот во дигиталниот свет, оваа лектира остана најомиленото четиво. Публиката го сака ‘Зоки Поки’, а Јавниот сервис ѝ припаѓа на публиката“, велат од МРТ.

Со ова партнерство, Кино Око и МРТ очекуваат создавање на ТВ-проект кој ќе биде од огромна вредност и интерес за македонската публика.

„МРТ има сосема поинаква улога. Обврска на секој јавен радиодифузен сервис е да емитува, не само информативна туку и играна, детска, забавна, едукативна содржина. ‘Зоки Поки’ знае како да го купи целиот свет и да ја освои Лидија, а и ние знаеме како да ја освоиме публиката. Го чувствуваме нејзиниот пулс. Оваа играна серија доаѓа во вистински момент. Момент во којшто креираме програмска шема која ќе ги натера гледачите да заборават на далечинскиот управувач“, велат од МРТ.

Денешниот „Зоки Поки“ ќе биде современ, но вредностите и пораките проткаени низ неговите авантури ќе останат безвременски, со верба дека ќе успеат да го пронајдат патот до срцата и на генерациите што доаѓаат.

„‘Зоки Поки’ ќе ги натера гледачите, кај и да се, да се најдат пред ТВ екраните, како во старите добри времиња. Со стопроцентна сигурност, серијата ќе доживее огромна популарност и се разбира гледаност. Не ќе постоеше Зоки Поки да не постоеше Лидија. Во тој контекст: Не ќе постоеше Јавниот сервис, да не постоеше негова публика“, велат од МТВ.

Серијата „Зоки Поки“ е финансирана и од Агенцијата за филм на Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Младите реализираат идеи со цел ова општество да го направат подобро место за живеење

Силвана Жежова

(Фото) „Гледај го светот во очи“: Вината „Луда Мара“, нов бренд на Тиквеш

Редакција

(Фото) Македонскиот модел Ивана Манас за Anna Kiki & Philipp Plein

Редакција